УСОГЛАСЕНА ПРАВНА РАМКА ЗА НЕПРЕЧЕНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ
👁 Прочитано: 5274



УСОГЛАСЕНА ПРАВНА РАМКА ЗА НЕПРЕЧЕНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ

Претставници на Стопанската комора на Македонија остварија средба со раководството на „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ – компанија - членка на Комората која веќе четврт век е препознатлива по своите инженеринг вештини и искуства од областа на архитектурата, инженерингот и градежништвото во нашата држава, нудејќи им на клиентите комплетни услуги во сите сегменти на градежништвото.

„ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ оваа година одбележува 25 години од постоењето на македонскиот градежен пазар и во рамки на досегашното постоење има стекнато бројни рефереци и испорачано комплетни решенија од областа на геотехниката, хидротехниката, енергетиката, рударството, патната инфраструктура и заштитата на животната средина. Во моментот „ГЕИНГ КуК“ активно работи на повеќе проекти во земјата и во странство во областа на проектирање, надзор и консултантски услуги, меѓу кои и консултантските услуги за подготовка на тендерска документација и надзор за изградба на ветерниот парк во Богданци, изведба на експлоатациони бунари за подобрување на водоснабдувањето на Општина Желино – Тетово, проекти за санација на свлечишта и други. Компанијата располага со повеќе од 150 инженери и техничари со разновидна техничка наобразба, експертиза и искуство, кои се посветени на успешната реализација на проектите, а има отворено и неколку регионални канцеларии во нашата држава и проектни канцеларии во земјите од регионот.

На средбата на претставниците на Комората со раководството на „ГЕИНГ КуК“ се разговараше за тековните активности на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и Групацијата на агрегати, бетони и асфалти каде компанијата активно учествува во подготовката на секторските иницијативи за унапредување на квалитетот во градежништвото и индустријата на градежни материјали, како и за проектите на Стопанската комора на Македонија од значење за секторот поврзани со обезбедувањето стручен кадар по мерка на бизнисот и воведувањето  алатки со цел остварување поголема ефикасност на процесите и зголемување на конкурентноста на компаниите. Дополнително, се дискутираше и за важноста на коморските активности посветени на еснафското поврзување на членките преку здруженијата и асоцијациите, како и за регионалното поврзување преку Коморскиот инвестициски форум, што е и еден од стратешките правци на Комората за следниот период. Исто така, беше нагласена и важноста на усогласеноста на правната рамка како предуслов за инвестирање во секторот и непречена реализација на капиталните проекти.

Во рамки на компанијата функционира и Телото за сертификација „ТС ГЕИНГ КуК“  како функционално независен сектор и именувано тело за сертификација на процеси и градежни производи од страна на Министерството за економија. „ТС ГЕИНГ КуК“ ја оценува и ја потврдува постојаноста на својствата на градежните производи за систем на оцена 2+, во хармонизираното подрачје (агрегати за бетон, агрегати за асфалтни мешавини,битуменски мешавини и површински третман за патишта, аеродромски писти и други сообраќајни површини), агрегати за неврзани и за хидраулички врзани материјали, кои се користат во градежништвото и во изградбата на патишта, агрегати за железнички товар, делкан камен, како и во и нехармонизираното подрачје (бетон).

м-р Нена Николовска

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија