Џемаил Даути, генерален менаџер на Даути комерц ЏЕМАИЛ ДАУТИ: ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ГИ СЛУШНЕ И ДА ГИ ПОТТИКНЕ ПЛАНОВИТЕ ЗА ИДЕН РАЗВОЈ, А КОМОРИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ГЛАВНИОТ МЕДИЈАТОР КОЈ ЌЕ ЈА ПОДДРЖИ ТАА МЕЃУСЕБНА РАЗМЕНА НА ПЛАНОВИ, ПРЕДЛОЗИ И РЕШЕНИЈА
➢ ВАЖНО (18.09.2020)
👁 Прочитано: 5108



ЏЕМАИЛ ДАУТИ: ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ГИ СЛУШНЕ И ДА ГИ ПОТТИКНЕ  ПЛАНОВИТЕ ЗА ИДЕН РАЗВОЈ, А КОМОРИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ГЛАВНИОТ МЕДИЈАТОР КОЈ ЌЕ ЈА ПОДДРЖИ ТАА МЕЃУСЕБНА РАЗМЕНА НА ПЛАНОВИ, ПРЕДЛОЗИ И РЕШЕНИЈА

ДАУТИ КОМЕРЦ НИЗ БРОЈКИ И КАРАКТЕРИСТИКИ:

  • ​​Регионална поставеност (Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора)
  • Над 1.000 вработени (посветеност, ангажман, професионалност)
  • 30 години искуство
  • Најмалку 12.000 задоволни купувачи
  • Возен парк со преку 500 возила
  • Палета од над 5.000 производи
  • Странски добавувачи: 142 компании
  • Домашни добавувачи: 324 компании
  • c/ca 100.000.000 евра годишен обрт
  • 5 продажни сегменти (директна дистрибуција, Cash and Carry)
  • Дистрибуција на овошје и зеленчук (ХО-РЕ-КА)
  • Микро дистрибуција (Door-to-door)
  • Награди: Национална награда за најдобри општествено одговорни практики, во 2014 година, за проектот “Фондација Даути”; Награда за проектот “Етички кодекс”, во 2016 година, од Министерството за економија и координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата; Награда за најдобри општествено одговорни практики “Еднакви можности за сите”, во 2017 година, од Министерството за економија, -однос кон вработените кај големите претпријатија-; Специјално признание за инвестиции во странство што ќе поттикнат нови извозни активности на македонските производи, во 2019 година, од Стопанската комора на Македонија.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Господине Даути, кои се Вашите почетоци како компанија, од кога постоите на пазарот и со што се занимавате? Иако  верувам дека нема кој да не знае за Вашата компанија, но сепак, истакнете ни ги овие карактеристики.

Џемаил Даути: Компанијата своите почетоци ги бележи од 1990 година. Од самите почетоци до денес, наша носечка дејност е увоз и дистрибуција на производи од домашни и странски производители. Палетата на производи на почетокот на формирњето на компанијата броеше мал број, за денес да достигнеме бројка на повеќе од 5.000 производи, кои се предмет на дистрибуција.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Вие сте компанија од Република Северна Македонија која со својот регионален концепт и пристап (со присуство во земјите од Западен Балкан) е специфична во водењето бизнис. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа. Кои фирми и каде ги имате отворено?

Џемаил Даути: Да, токму така. Можеби малкумина се запознати со фактот дека компанијата, покрај претставништвото во Македонија, регионално е  застапена и има свои претставништва во Албанија, Косово и Црна Гора. Тука, морам да потенцирам дека секое од претставништвата, најголемиот дел од своето работење го насочува кон увоз од соседните земји од регионот. Најблиска соработка имаме со Србија и Босна и Херцеговина, од каде е најголем дел на увезената стока, но кон истите, нашите претставништва од Косово и Црна Гора, вршат извоз на производи од македонски производители.

Секое претставништво функционира самостојно. Бидејќи секој пазар има свои потреби и специфики, нашите претставништва својата дистрибутивна мрежа соодветно ја адаптираат на истите.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Ви сте долгогодишна членка на Стопанската комора на Македонија, членка сте и на Комората на Северозападна Македонија каде бевте и нејзин претседател и многу добро го познавате функционирањето на коморите и коморскиот систем. И претходно и сега имаме потпретседател на Владата за економски прашања токму од редовите на коморите.

Може ли да ни кажете, според Вас, како можат коморите да Ви помогнат во Вашето работење?

Џемаил Даути: Улогата на коморите, секаде во светот, па и во нашата земја, се состои во тоа дека, тие се оние кои ја дефинираат стратегијата со која бизнис заедницата ќе се постави пред политичките структури. Кога тоа го прават и кога умешно ги пренесуваат и ги поставуваат потребите на бизнис заедницата пред Владата и институциите, тогаш да, секако дека можат да помогнат во работењето на нашата, но и на останатите компании во државата.

Идеите и плановите на учесниците во бизнис секторот, сметам дека треба да се разберат како дел од целокупната стратегија на државата во иднина. Државата треба да ги слушне и да ги поттикне  плановите за иден развој, а коморите треба да бидат главниот медијатор кој ќе ја поддржи таа меѓусебна размена на планови, предлози и решенија.

За што најчесто ги користите услугите на коморите?

Џемаил Даути: Искрено кажано, лично јас, секогаш сум пристапувал транспарентно  и коморите и поодамна, па и денес, ги користам да ги изнесам реалните потреби и ставови со кои се соочува дејноста на нашата компанија.

Коморите ги користиме и треба да ги користиме, ние како бизнис заедница да креираме амбиент, да создадеме една чиста слика, која ќе биде основа преку правната регулатива да се подобрат политиките на Владата.

Во тековното работење, ги користиме и едукативните центри на коморите, а, секако, не можам а да не напоменам дека се и место каде што остваруваме средби со нашите постоечки партнери, а стекнуваме и нови партнерства.

Што треба коморите да преземат во следниот период за да бидат „слушнати“ од Владата?

Џемаил Даути: Сметам дека коморската иницијатива треба секогаш да биде издржана. Коморите треба да иницираат постојано средби со стопанствениците, но најнеопходно е да се разгледуваат конкретни проблеми и појави. Секогаш кога се работи на конкретни проблеми, ќе се заземе став кој на соодветен начин ќе биде актуелизиран до медиумите и јавноста, а политичките структури и Владата соодветно ќе ги насочат своите политики кон соодветните појави.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Со какви проблеми се соочувате во ова време предизвикано од корона кризата? И воопшто, со какви проблеми или предизвици се соочува Вашиот бизнис при секојдневното работење?

Џемаил Даути: Секако дека корона кризата има свои импликации во тековното работење. Се соочуваме со отежнато движење на стоката во државата, што, секако, е резултат на настанатите процедури и протоколи при издавање и примање на стоката. Корона кризата значајно влијаеше на угостителскиот сектор, кој несомнено е еден позначаен потрошувач на нашите производи.

Поради глобалниот застој, се јавува и недостиг на суровини и готови производи кои се дел на производниот процес како кај странските, така и кај домашните производители.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Од неодамна Стопанската комора на Македонија направи редизајн на својата веб-страница. Така, на главно место покрај нудење на голем број услуги за нашите членки, сите активности ги сконцентриравме во 4 главни столба и тоа: вмрежување, проекти, даноци и царини и услови за водење бизнис, како и образование. Сакаме да Ве прашаме, иако, секако се’ е важно за Вашиот бизнис, но што е она што најмногу од сите 4 полиња би го потенцирале како најважно за Вашето работење?

Џемаил Даути: Значајни се сите 4 столба од причина што помеѓу активностите кои ги содржат постои причинска последична поврзаност. Еве, би го издвоил  вмрежувањето како одлична идеја, бидејќи на едно место се изнесуваат активностите и актуелностите за кои многупати во секојдневието и не сме во можност да одвоиме време и да оствариме контакти за да се разговара за конкретни настани.

Секако дека за нашиот бизнис од голема важност се и актуелните измени на даночни и царински постапки за кои имаат потреба тимовите од компанијата при решавање на конкретни појави од тековното работење.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Кои се Вашите идни планови и што би им порачале на чинителите на економскиот процес, од една страна на државата која ги креира политиките, а од другат страна на коморите кои учествуваат/или треба да бидат рамноправен партнер при креирање на истите?

Џемаил Даути: Ние, учесниците во бизнис секторот, идните планови ги гледаме како предизвик  за поуспешно и поквалитетно работење.

Нашите идни планови се насочени кон отворање на уште три регионални претставништва во Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина, каде лично јас сметам дека има простор и можност значајно да се разработи и како пазар и да се зголеми извозот и пласманот на голем дел на нашата палета на производи.

Идеите и плановите  на учесниците во бизнис секторот сметам дека треба да се разберат како дел од целокупната стратегија на државата во иднина. Уште еднаш ќе подвлечам дека, државата треба да ги слушне и да ги поттикне  плановите за иден развој, а коморите треба да бидат главниот медијатор кој ќе ја поддржи таа меѓусебна размена на планови, предлози и решенија.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанската комора на Македонија