Преку меѓународни финансиски институции до обезбедување финансиски средства во износ од 426 милиони евра за финансирање Проектот „Железничка пруга Кичево - граница со Р. Албанија“
➢ Актуелно (24.09.2020)
👁 Прочитано: 772



Преку меѓународни финансиски институции до обезбедување финансиски средства во износ од 426 милиони евра за финансирање Проектот „Железничка пруга Кичево - граница со Р. Албанија“

Изградбата на железничката пруга Кичево – граница со Република Албанија ќе се одвива во две фази, за што средства ќе се бараат од меѓународни финансиски институции и кредитори. Проектната документација за врската Кичево - Лин е на ниво на основен проект, според кој делницата треба да е долга околу 63 километри и да има единечна електрифицирана пруга од постоечката железничка станица во Кичево до границата со Албанија.

Владата на РСМ го задолжува Министерството за финансии да достави барање за изразување  интерес до меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори за обезбедување  финансиски средства во износ од 426 милиони евра за финансирање на Проектот „Изградба на железничка пруга Кичево – граница со Р. Албанија, прва фаза делница Кичево – Струга“, како и грант средства за техничка помош на овој проект. Владата тргнува во потрага по пари за воспоставување железничка врска со Албанија преку изградба на пруга од Кичево до границата со оваа земја. Впрочем, изградба на железничкиот коридор 8, на кој е и оваа делница, е приоритет во четиригодишната програма на Владата во делот за железничка инфраструктура.

Инаку, железничкиот коридор 8 се нагласува како приоритетен зашто е еден од десетте паневропски коридори кои поминуваат и низ територијата на нашата држава со траса која почнува од пристаништата Бари и Бриндизи во Италија, поминува низ Албанија, Македонија и Бугарија, поврзувајќи ги градовите Бари и Бриндизи со Драч и Валона на Јадранско Море, а потоа и Тирана, Скопје, Софија, Пловдив, Бургас и Варна на Црно Море.

Служба за информирање при Комората