Објавени протоколите за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и кафетериите

   

➤ Актуелно (28.05.2020)
👁 Прочитано: 2273


Објавени протоколите за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и кафетериите

Владата ги објави протоколите за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана со кои од 28 мај 2020 (четврток) година може да отпочнат со работа кафетериите и угостителските објекти со посетители во отворените делови на овие објекти (тераси), со задолжително почитување на Протоколот за отворање и работа на кафетерии и на за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана, утврдени од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Во Службен весник бр.136 од 27.5.2020 година е објавена Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 со Протоколите за работа на кафетерии и угостителските објекти за исхрана.

Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдува дека:

-    Работното време е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.
-    Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат  хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се  послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
-    Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.
-    На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.
-    Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри.
-    Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.
-    Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100)  или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
-    Протоколот утврдува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства.
-    Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.
-    Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)

На веб страната на Владата се објавени сите Протоколи кои произлегуваат од Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот - Протоколот