Еуроникел Индустри со строги заштитни мерки за своите 1.000 вработени

   

➤ ОД КОМПАНИИТЕ (22.03.2020)
👁 Прочитано: 417


Еуроникел Индустри со строги заштитни мерки за своите 1.000 вработени


Еурoникел Индустри го продолжи процесот на работа и сите 1.000 вработени се ангажирани. Таа е една од најзначајните компании за македонската економија и оттаму за Фактор велат дека веќе неколку недели преземаат зајакнати заштитни мерки за своите вработени, но и за непречено одвивање на производството. Работниот процес се одржува во вонредни услови. Од менаџментот велат дека се организираат согласно препораките.

„Уште од првиот момент кога на 10 март, Владата ги донесе првите мерки за превенција, преземени се активности и воведени соодветни процедури, со што целокупната работа на компанијата е прилагодена на новите правила на функционирање. Тоа што сме компанија со речиси илјада вработени и имаме комуникација со други подизведувачи и надворешни соработници ни дава уште поголема одговорност како правен субјект да одиме и чекор понапред во имплементација на сите мерки и насоки од Владата и од Министерството за здравство”, велат од Еуроникел Индустри.

Оттаму велат дека сите состаноци и посети од надворешни лица се откажани, а комуникацијата се одвива по електронски пат. Слична била и комуникацијата со вработените, односно издавањето одредени документи и потврди за кои вработените имале потреба може да се добијат електронски. Посебна организација има и при исхрана на вработените односно е направен распоред на мали групи со оддалеченост од најмалку два метри на секој вработен. Од Еуроникел Индустри велат и дека се поставени  дезинфециенси за раце и дека такви има во сите сектори, простории, оддели, ходници, канцеларии.

Компанијата е особенo значајна за домашната индустрија и има голем придонес за македонската економија.

„Се врши дезинфекција на автобусите со кои доаѓаат вработените пред и по секоја смена, маските се задолжителни, а зголемено е и растојанието за седење. Доставата на сите документи се одвива на самите портирници и влезно-излезни пунктови, каде документите се примаат шалтерски, со заштитни ракавици и маски, сé со цел да нема директен контакт. Компанијата дури спроведе анкета на вработените, за нивна евентуална изложеност. Сите мерки за безбедност во кругот на фабриката се максимално запазени, велат од Еуроникел Индустри.

Според нив, досега успешно обезбедувале средства за дезинфекција, но апелираат тие да им бидат достапни на граѓаните и на фирмите во секое време.