В М Р Е Ж У В А Њ Е: „ВИТАМИНКА‟ - СИГУРЕН КОНТИНУИТЕТ

   

ПОРАКА ОД ... / 17.02.2020
👁 Прочитано: 479


В М Р Е Ж У В А Њ Е: „ВИТАМИНКА‟ - СИГУРЕН КОНТИНУИТЕТ
Бранко Азески, претседател 
на Стопанска комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија во своето сто годишно работење има илјадници примери на успешни приказни на свои членки, кои успеале да го искористат потенцијалот на Коморското вмрежување и да го подобрат квалитетот и квантитетот на своето работење, зголемат производството и асортиманот, како и квалитетот на производите, а со тоа и да го зголемат својот профит.

Развојниот пат на „Витаминка‟ АД - Прилеп, е импресивен исто колку и денешната улога што ја има на пазарот. Земајќи ги двата параметри предвид, целото постоење на „Витаминка‟ е обележано со растење и проширување од секој можен аспект. Како што производството на еден производ низ неколку етапи во повеќе од шестдецениското постоење се прошири на повеќе од 350 различни видови пакувања, така во „Витаминка‟ растеше потребата од воспоставување нови партнерства и бизнис-релации. Господинот Сашо Наумоски тоа го правеше на најдобар можен начин. Човекот кој започна со свој бизнис многу рано и за чудо на многу ниско ниво успеа да ја совлада пазарната законитост за ширење на пазарите. Јас сум еден од тие луѓе кои што има широка лепеза на пријатели и соработници, но Сашо Наумоски е човекот кој ја ужива мојата најголема почит, токму за остварувањето и одржувањето на бизнис-релациите. Многупати заедно сме биле во бизнис-мисии и неговиот маневарски простор е импресивен, токму затоа пред неколку години беше избран за потпретседател на Стопанската комора на Македонија, со што му се одаде потребно признание.

Денес, повеќе од шест децении од основањето, „Витаминка‟ има повеќе од 20 групи производи од сопствено производство во сегментот чоколада, супи, прашкасти зачини, кекси, пелети со широка лепеза на вкусови (слатки и солени, кисели и лути), програми за производи за предјадења, додатоци за јадењата, десерти, производи за ужина. Или, тоа се 360 типови пакувања во продажба, меѓу кои „Стоби флипс‟, „Витанез‟, „Цевитана‟, „Атлантис‟, „Бонитас‟, „Деспина‟, „Витеа‟... и како најнова фаза во работењето, во своето големо семејство го вклучува и производството на маслото за јадење „Брилијант‟.

„Витаминка‟ поседува производна програма за сите возрасти на населението од 7 до 77 години. За сиот тој успех изразен во бројки, придонесуваат околу 700 вработени во производството.

Со постојаното развивање, иновативноста во новите производи „Витаминка‟ несомнено е лидер на пазарот создавајќи ги новите трендови и тенденции. А паралелно со зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, „Витаминка‟ интензивно растеше и присуствува на странските пазари каде што моментално пласира околу 47% од своето годишно производство во околу 30 земји во светот.

Оваа компанија покажа дека е можно македонски производи да бидат конкурентни, да бидат високо квалитетни и да се борат рамо до рамо со светски брендови. На тоа се додаваат постојаните инвестиции во високо технолошко производство и континуираната едукација на вработените. Компанијата поставува нови стандарди со иновации и пласирање на нови производи. Секогаш оди чекор понапред во комуникацијата со потрошувачите и се обидува да ги антиципира нивните желби. Денес е пример за тоа како треба да изгледа една компанија во земјава, пример е и за тоа како треба да се оди напред, да се развива. И ова растење, проширување и зголемување на производното портфолио е поврзано со потребата од изнаоѓање, воспоставување и зацврстување на соработка на различни нивоа и во различни сектори коишто кореспондираат на оперативноста на „Витаминка‟.

В М Р Е Ж У В А Њ Е: „ВИТАМИНКА‟ -СИГУРЕН КОНТИНУИТЕТПретседателот на Одбор на директори, Симон Наумоски: „Витаминка‟ на својот пат кон денешната позиција постојано имала и има потреба од воспоставување партнерства и деловни релации. Кон создавањето одржливи пазарни услови уште повеќе придонесе улогата на Стопанска комора и влијанието во вмрежувањето на компаниите. На овој начин Стопанска комора се дефинира себеси како неопходен фактор во создавањето на едно високо функционално пазарно опкружување и релации коишто создаваат перспектива.

В М Р Е Ж У В А Њ Е: „ВИТАМИНКА‟ -СИГУРЕН КОНТИНУИТЕТ

Дали станува збор за домашен или странски пазар, „Витаминка‟ во Стопанската комора гледа партнер којшто ни отвора нови патишта и простори за дополнително растење. Многу сум среќен што кога зборуваме за „Витаминка“, зборуваме за значаен кадровски континуитет, којшто е алфа и омега за успешноста на една компанија. Сашо Наумоски, Наташа Стојкоска и нивните потомци се успешен пример за таков континуитет. Нивното заедништво, нивната работливост, нивната единственост и високата професионалност се потврда дека брендот „Витаминка“ уште долги години ќе биде гордост на Прилеп и Македонија.

П.С. Продолжуваме со претприемчивите бизнис-лидери од Прилеп, следна е Ирена Јакимовска, од „КОМФИ АНГЕЛ“ - Прилеп, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп, жена-бизнисмен, предводник на промени и во Комората и во бизнисот; потпретседател на Советот на странски инвеститори, член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, по мене жена која можеш да ја најдеш секаде каде се зборува за бизнис. Нејзиниот оптимизам, но и впечатлива претпазливост, нејзиниот посебен имиџ ја одвојува од сите, но и ја спојува со сите.