ЗАКОН ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 3 2 ОД 10 ФЕВРУАРИ 2020 ГОДИНА)



Со Законот за урбанистичко планирање се уредува системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на планирањето и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, прекршочните одредби, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.

Глава I „Општи одредби“, содржи предмет на законот, значења на поими и изрази, систем на просторно и урбанистичко планирање, хиерархиска и хоризонтална усогласеност на системот, јавен интерес, спроведување на плановите, услови за планирање на просторот, предмет на уредување на урбанистичките планови и цели и начела на урбанистичкото планирање.

Глава II „Урбанистички планови“, содржи одредби за видовите на урбанистичките планови, документационата основа на урбанистичките планови, поблиската содржина, размер, форма и начин на изработка на урбанистичките планови, надлежни органи за нивно донесување, фази на изработка и донесување на урбанистичкте планови, планскиот период и важење на урбанистичките планови, како и стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Глава III „Постапка за донесување на урбанистички планови“, содржи одредби за отпочнување на постапка за донесувањето на урбанистичките планови, постапка за нивно изменување и дополнување, синхронична и обединета постапка за изработување и донесување на планови, постапки за изработување и донесување на планови со плански опфат во повеќе општини, постапка за техничка исправка на урбанистички план, како и постапка на изработување и донесување на урбанистичките планови во информацискиот систем е-урбанизам.

Глава IV „Процес на изработување и донесување на урбанистички планови“, содржи одредби кои се однесуваат на органи и тела надлежни за водење на постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, иницијатива за изработка на урбанистички план, програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, услови за планирање на просторот, ажурирани геодетски подлоги, планска програма, избор на изработувач на урбанистичкиот план и урбанистичкиот проект, партиципативно тело, податоци, информации и мислења од државните органи, институции, установи и правни лица кои вршат јавни надлежности, стручна ревизија и стручна расправа, јавна презентација и јавна анкета, согласност на предлог на план, обврски за предавање, чување и презентација на плановите, дигитално преклопување на плановите и пренамена на земјиштето во градежно земјиште.

Глава V „Спроведување на урбанистички планови“, содржи одредби за извод од урбанистички план, урбанистички проект, постапка за одобрување на урбанистички проект, урбанистички проект со план за парцелација, потврда за урбанистичка согласност, следење на спроведување и реализација на плановите и извештај за состојбите во просторот.

Глава VI „Вршители на стручни дејности за изработување на урбанистички планови и урбанистички проект“, содржи одредби за овластување за изработувањето на урбанистички планови, лиценца за изработување на урбанистички планови, одземање на лиценци и овластувања, работи на правно лице со лиценца за изработување и стручна ревизија на урбанистички планови, организациски форми за вршењето на работите од урбанистичкото планирање, Градско биро за урбанизам и Тарифник за вредност на работи од урбанистичкото планирање.

Глава VII „Надзор“, содржи одредби за вршењето на надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на него, при што надзорот го врши органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Инспекцискиот надзор го вршат урбанистички инспектори од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Глава VIII се однесува на прекршочните одредби. Пропишана е постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог согласно со Законот за прекршоците.

Последната глава IX се однесува на преодните и завршните одредби, при што пропишано е дека со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весникна Република Македонија“ број 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 90/17 и 64/18).

Подзаконските акти предвидени со овој закон, ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен прописот од член 24 од овој закон (Правилник за урбанистичко планирање) кој ќе се донесе во рок од четири месеци од влегувањето во сила на овој закон. До донесувањето на подзаконските акти ќе се применуваат постојните подзаконски акти.

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје