СОЗДАВАМЕ КОМОРА НА ИДНИНАТА – ДАЛИ ИМАТЕ ПРЕДИЗВИК ДА МУ СЕ ПРИКЛУЧИТЕ НА НАШИОТ ТИМ?
➢ ВАЖНО (04.08.2020)
👁 Прочитано: 2240



СОЗДАВАМЕ КОМОРА НА ИДНИНАТА – ДАЛИ ИМАТЕ ПРЕДИЗВИК ДА МУ СЕ ПРИКЛУЧИТЕ НА НАШИОТ ТИМ?

Во мандатниот период 2020-2025 најголемата и најзначајна бизнис асоцијација во државата, Стопанската комора на Македонија, донесе одлука да работи на концептот на создавање на Комора на иднината. Најнапред ги утврдивме стратешките правци за развој на Комората (септември 2019 година), па усвоивме измени на Статутот на Комората, со кои се воведоа организациски промени во насока на трансформација и реорганизација на Комората, со цел да може подобро да одговори на зацртаните стратешки правци на дејствување во идниот период (декември 2019 година), по што завршен беше процесот на конституирање на органите на Комората (февруари-мај 2020 година).

Се наоѓаме пред најзначајните предизвици поврзани со коронавирусот Ковид-19 и тешката економска и финансиска криза предизвикана од тоа, без никакво искуство за вакви сложени ситуации. Но, ние во изминатите 98 години ги пребродивме сите кризи и се надеваме дека тоа ќе го направиме и сега. Затоа, последната алка во оваа активност за создавање на Комора која ќе одолее на сите предизвици е изборот на извршен директор кој ќе го раководи тимот на Комората екипиран и едуциран во изминатите 15 години, кој треба да претставува вистински сервис и поддршка на компаниите во справување со најтешките предизвици пред нас, во пресрет на одбележувањето на стотата годишнина од коморското работење во февруари 2022 година. Во потрага сме по менаџер кој ќе внесе нов дух во работењето на Комората, нов лик на нашите активности и поголема препознатливост на нашиот бренд.

Одлука на раководството на Комората е да понуди можност на секој што се чувствува способен да добие шанса, а за возврат истото раководство гарантира максимални услови што во моментот може да ги обезбеди за нормално функционирање на една така значајна функција.

Досега на огласот се пријавија 35 кандидати.

Огласот за избор на извршен директор на Комората (линк) е отворен до 15.08 - ги очекувам вашите пријави на president@mchamber.mk.

Ве повикувам да ја искористите оваа можност да станете дел од една многу сериозна институција која треба да одигра исклучително важна улога во справувањето со големите предизвици што стојат пред нас. (https://www.mchamber.mk/default.aspx?mid=3&evid=38434&lng=1)

 

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија