Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
18.10.2019 👁 Прочитано: 809

СТАБИЛНИ И ФУНКЦИОНАЛНИ МОСТОВИ ЗА ПОГОЛЕМА СОРАБОТКА СО СЛОВЕНИЈА


Александар Гечев, менаџер во „ИГМ-Трејд“, нов почесен конзул на Р. Словенија во Република Северна Македонија и член на УО на Стопанската комора на Македонија

Идејата за отворање Почесен конзулат на Република Словенија во Република Северна Македонија со седиште во Кавадарци, дојде како резултат на успешната инвестиција на нашата компанија „ИГМ-Трејд“ во Словенија со преземање на фабриката „АЛПОС“ од Шентјур. Ова претставува, до сега, најголема македонска инвестиција во Словенија во износ од 40 милиони евра, годишни приходи од 50 милиони евра и 100 нови вработувања. Словенечката Влада и локалната самоуправа во Шентјур ги сметаме за наши партнери и планираме нови, уште поголеми инвестиции во Република Словенија.

Од друга страна, на македонскиот пазар долго време се присутни реномирани словенечки компании од областа на банкарството, осигурителниот бизнис, енергетиката, металургијата, винарството и други производни капацитети.

Како почесен конзул ќе се залагам првенствено за продлабочување на соработката меѓу стопанственици од двете земји.

Искрено посакувам и напорно ќе работам овој конзулат да биде модерен пример за економска дипломатија, преку:

• иницирање средби;
• договарање заеднички проекти;
• промовирање на нови компании и производи;
• информирање за настани, иницијативи и поволности што ги нудат Македонија и Словенија. 

Исто така, ќе имам можност да ги споделам стекнатите искуства и познанства со цел охрабрување и овозможување на нови инвестиции во двете насоки.

Големо внимание треба да се посвети и на промоција на винарството и винскиот туризам кои се од особено значење за Тиквешкиот регион. Конкретни задачи на овој конзулат се: зголемување на бројот на словенечки туристи во нашите винарници, но и размена на искуства помеѓу словенечките и македонските винарници со посебен осврт на искористување на ЕУ-фондовите и збогатување на туристичката понуда преку организирање културни манифестации од типот на фестивали, карневали, концерти и слично.

Како најеколошка земја во Европа, а сепак со развиена индустрија, Словенија е доказ дека со правилно економско уредување и добри законски решенија индустријата и екологијата можат да егзистираат и да напредуваат.

Во регионот, Република Словенија важи за голем инвеститор во еколошки проекти од типот на пречистителни станици, менаџирање со комунален отпад и други  проекти кои се критично потребни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија. Цврсто верувам дека Република Словенија треба да биде наша водилка за развивање и примена на еколошки стандарди во нашата земја.   

Со над 1.000 македонски студени на универзитети во Љубљана, Марибор, Копер и Нова Горица, Република Словенија има свој удел во оформување на идните лидери во нашата држава, со што обезбедува зацврстување на нашите односи и во иднина. Како студент во Лондон, добро ја познавам вредноста на едукацијата во странство и затоа го препознавам квалитетот на словенечкото образование,  кое мора да го направиме уште попристапно за нашите млади луѓе.

Знам од себе каква е желбата на еден млад човек да се натпреварува и да се докажува во странство и какви се придобивките од тоа, но верувајте, уште посилна е желбата таа младешка амбиција да се искористи во својата татковина. Наше е да го препознаеме и искористиме тој потенцијал.

Словенија веќе има изградено силни, стабилни и функционални мостови на соработка упатени кон нас. Преку инвестицијата на компанијата „ИГМ-Трејд“ во Словенија и отворањето на овој почесен конзулат сакаме да испратиме порака дека време е ние во Северна Македонија да покажеме подготвеност и способност да градиме мостови и од наша страна, со што поврзувањето би било целосно.

СТАБИЛНИ И ФУНКЦИОНАЛНИ МОСТОВИ ЗА ПОГОЛЕМА СОРАБОТКА СО СЛОВЕНИЈА