Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
10.10.2019 👁 Прочитано: 356

„Кроациа Осигурување – Живот“ истрча најбрзо за двоцифрен раст на животното осигурување


„Кроациа осигурување – Живот“ во првото полугодие од годинава оствари раст на приходите од 14 проценти, со што го продолжи растечкиот тренд регистриран во последните години. Вилма Учета Дузлевска, главен извршен директор на компанијата вели дека во следниот период, компанијата која е лидер на пазарот  на животно осигурување ќе се фокусира на развој на производи во доменот на дополнителни осигурувања.

Минатата година Корациа осигурување – Живот има апсолутен раст на премијата поголем од сите останати компании во овој домен заедно.

По 15 години од постоењето на компанијата и осум години како е на челната позиција, Учета Дузлевска вели дека компанијата ги надминува предизвиците и гради тим кој постигнува резултати.

Учета Дузлевска: Пред речиси 15-тина години, во тоа време најстарата осигурителна групација на Балканот, „Кроациа Осигурување“, одлучи да отвори Компанија на нашиот пазар, кој сè уште не беше подготвен за развој на животно осигурување. Оттогаш, па сè до денеска, низ еден органски раст, компанијата се развива со прецизно дефинирана стратегија и модел кој се покажа како успешен.

Челната позиција ја преземав пред безмалку осум години, после неколку години поминати во компанијата на неколку клучни позиции. Постоеше одреден скептицизам во бизнис - круговите, дотогаш финансискиот сектор немаше видено жена со неполни 30 години на челна позиција, но од друга страна имав силна и недвосмислена поддршка од акционерот да донесам млад тим кој требаше да ја предводи компанијата. Пред себе поставив три цели, да ја зголемам адекватноста на капиталот, да ја вратиме доминантноста на пазарот и да изградам силен тим на кадри кои еден ден ќе можат компанијата сами да ја водат низ сите предизвици.

И ако денеска, после 8 години, подвлечеме црта што е направено, ќе видиме двојно зголемен капитал или 140 отсто зголемување над законскиот минимален цензус и тоа низ процес на органски раст и како резултат на акумулирани добивки од работење, ќе видиме четирикратно зголемена премија за осигурување или во апсолутен износ, 620 милиони денари поголема премија за овој период, ќе видиме профит зголемен за 10-тина пати во апсолутен износ кој оваа година по групациските стандарди ќе надмине 80 милиони денари и ќе видиме лидерска позиција на пазарот за животно осигурување со високи 44 проценти. Денеска „Кроациа Осигурување – Живот“ има средства под управување над 2,9 милијарди денари, единствена на осигурителниот пазар во Македонија, во однос на 0,5 милијарди денари пред 8 години.



Евидентни се бројките како сме растеле овие години. Но она што лично ми прави посебно задоволство, ќе видиме и изграден тим по компетенции и по посветеност кон резултати, но и високо развиена свест за корисноста на животното осигурување кај македонските граѓани. Не се чувствувам нескромно ако заклучам дека токму „Кроациа Осигурување“ беше тркачот кој истрча најбрзо за двоцифрен раст на животното осигурување на осигурителниот пазар во Македонија. Или ако сакате да зборуваме во апсолутни износи, минатата година остваривме апсолутен раст на премијата поголем од сите останати компании во овој домен заедно. Тоа не се прави во комфор зона, напротив истрчавме маратон кој бараше многу труд и жртвување, и професионално, но и лично.


70 ПРОЦЕНТИ УЧЕСТВО ВО ВКУПНИОТ БРОЈ ПРОДАДЕНИ ПОЛИСИ


Ја држите лидерската позиција со раст на приходите и премијата, доминатни сте на пазарот. Од што беше детерминиран продорот?

Учета Дузлевска:Би рекла посветеноста и компетентноста на тимот. Работиме на пазар и со конкуренција која е силна од аспект на моќ на европски осигурителни брендови, а со тоа имаат и можност  за пренос на исклучителни знаења. Во такви околности мора да сте побрзи во носењето на адекватни одлуки. Тимот, и менаџерскиот и оперативниот, сите изминати години работи како за своја компанија, безрезервно и посветено на стратегијата и целите. И во такви услови не може да не успеете. Се обидуваме да ја задржиме оригиналноста во секој нов производ или нов проект, и јас лично би била посреќна целиот пазар да наметнува такво темпо, бидејќи само така ќе имаме соодветна понуда за различните потреби на македонските граѓани.

Вистина е дека животното осигурување имаше ниска база и голем потенцијал да се развива. Тоа постојано го зборуваме. Но, од друга страна, е класа на осигурување во доменот на незадолжителни осигурувања, како незгодата, имотното осигурување, каското итн. И ако пред 8 години сите овие класи имаа поголема премија од животното осигурување, сега ситуацијата е сменета. Веќе на македонскиот осигурителен пазар имаме слика каде животното осигурување, заедно со Unit link производите, е на второ место по полисирана премија, веднаш по задолжителната автоодговорност. Очекувам дека и понатаму ќе се движиме со исто темпо, а „Кроациа Осигурување“ ќе стане предводникот на овие позитивни промени во доменот на незадолжителните осигурувања. 

Какви се финансиските показатели за првото полугодие и како ќе ја завршите оваа година? Кoи се очекувањата?

Учета Дузлевска:Успешно ги реализиравме планираните оперативни цели за изминатото полугодие, иако беа вистински предизвик по историски најдобрите резултати кои ги постигнавме во 2018 година. Со 70 проценти учество во вкупниот број на продадени полиси за осигурување на живот и 44 отсто во бруто полисираната премија за животно осигурување, сè уште диктираме добар раст на пазарот.

Оваа година продолживме со исто темпо, „Кроациа Осигурување – Живот“ во првото полугодие од годинава оствари раст на приходите од осигурување за 14 проценти, што претставува динамика на раст побрза од вкупниот раст на пазарот за осигурување. Очекувам до крајот на годината дека темпото ќе се задржи, во портфолиото почнуваме соработка со уште една деловна банка во доменот на банкоосигурување, додека пак застапничката мрежа ја реорганизиравме изминативе месеци и очекуваме ефектите од тој процес да почнат да даваат резултати. Во поглед на стратешките цели и тука добро се движиме, она на што ќе ставиме поголем акцент во следниот период е развој на производи со поголем фокус во доменот на дополнителни осигурувања, пред сè, мислам на здравственото осигурување.


 ШТЕДНА КОМПОНЕНТА СО НАМАЛЕН РИЗИК


Во последениот период има значаен раст на станбеното кредитирање од комерцијалните банки. Често за овој тип кредити се врзува и осигурување. Дали и какво влијание имаше ова на вашето работење?

Учета Дузлевска: Банкоосигурување е глобален светски тренд со кој банките и осигурителните компании обезбедуваат поатрактивна понуда и поголема финансиска сигурност за своите клиенти. И ние како Компанија фокусирани сме на развој на банкоосигурување. Имаме успешни и стабилни соработници во овој домен, би рекла темелно посветени на овој процес  и ние сме среќни од можноста да бидеме нивни партнери во процесот на осигурување на кредитокорисниците. Банките сè повеќе ќе ја заземаат клучната улога во овој сегмент на успешно партнерство помеѓу банка, кредитокорисник и осигурителна компанија. Тука, пред сè, мислам на ризико - производите, кои имаат само компонента на заштита, без штедење, а се исклучително погодни за кредитокорисниците. Тоа е полиса вклучена во амортизациониот план на кредитот и обезбедува отплата на кредитот во случај на смрт на кредитобарателот.  Во првите 6 месеци оваа година, „Кроациа Осигурување – Живот“ има издадено повеќе од 10.000 полиси поврзани со кредит од банките со кои соработуваме. Она што за мене е клучно, е да направиме јасно разграничување меѓу депозитно штедење во банките и  животното осигурување како производ. Често знаат да не’ поистоветат и тоа е дефинитивно погрешно. Никако не треба да ја заборавиме компонентата на осигурување која производот за животно осигурување ја има во себе. Покрај осигурување ваквиот вид на финансиски производ обезбедува и долгорочна заштеда, меѓутоа низ целото траење на полисата за животно осигурување секако дека примарен е моментот на осигурување. Самото осигурување значи намалување на ризик и обезбедување на сигурност за некои моменти коишто се непредвидливи и можат да се случат.


Во услови на растечка конкуренција во животното осигурување, кои се клучните предизвици на пазарот, која е вашата стратегија?

Учета Дузлевска:Силно верувам во „Кроациа“ како бренд кој на долг рок може да понуди најатрактивна понуда на пазарот. Процесите на операционализација и реструктурирање кои континуирано ги спроведуваме ни даваат една силна конкурентска предност и можност да сме центар кој го диктира темпото на пазарот. Изминативе години изградивме препознатлив систем на вредности, наша цел е да продолжиме со истото темпо фокусирајќи се на нашите стратешки вредности кои ја направија „Кроациа“ клиентски ориентирана компанија. Кога ме прашувате за главен адут, како што веќе напомнав, моите очи се вперени во вработените во компанијата. „Кроациа Осигурување – Живот“ секојдневно вложува во развојот на своите вработени, тие се нашиот најдобар ресурс и со почит се однесуваме кон него. Најголем дел од менаџерите кои се денеска на извршни позиции во компанијата се интерни кадри кои растеле заедно со растот на Компанијата. Тимот мора да расте, да се надградува, само така ќе дава резултат кој од него се очекува. Лично не верувам во стереотипи на безвремени генерални директори, но верувам во моќта на позитивните промени. Времињата се менуваат, она што било добро вчера веќе денеска е застарен модел на функционирање. Секогаш треба да се даде шанса на изградени личности во структурите на една компанија да се надградуваат професионално и да заземат извршни позиции. Јас сум горда што имам подготвен тим на луѓе што можат да преземат предизвици и успешно да водат компании, а јас да бидам спокојна дека ќе се продолжи патеката на успех. Тоа го сметам за свое најголемо достигнување.

А колку е развиено колективното купување полиси за вработени во домашните компании? Во поразвиените економии менаџерите применуваат вакви политики

Учета Дузлевска:Важен момент е препознавањето и искористувањето на можностите и придобивките што ги нуди животното осигурување од страна на компаниите. Една компанија со осигурувањето на својот клучен кадар ја потврдува нивната стручност и улогата што ја имаат тие во компанијата и покажува дека го вреднува трудот што го вложуваат. Животното осигурување ја зајакнува припадноста на клучните кадри на компанијата, стимулира лојалност и посветеност на целите на компанијата, а во исто време нуди врвна осигурителна заштита и покритие за вработените. Од наше искуство можам да кажам дека компаниите во Македонија сè повеќе ја препознаваат важноста на човековиот потенцијал, значајноста на вложувањето во своите кадри, нивното привлекување и мотивација. Позитивен тренд е зголемувањето на премијата за животно осигурување кај македонските компании. Мислам дека веќе го препознаваат животното осигурување како бенефит за зголемување на лојалноста и задоволството на менаџерите, користејќи го како начин за наградување на клучните кадри во компанијата.


СЕ ОСИГУРУВААТ НАЈМНОГУ ГРАЃАНИ ОД 35 ДО 55 ГОДИНИ


Сепак кој во Македонија си го осигурува животот? Според вашето искуство кои се тие граѓани?

Учета Дузлевска: Нашето портфолио на производи е така прилагодено што секоја полиса претставува единствено решение, целосно приспособливо на индивидуалните потреби и можности на осигурениците. Целните групи не ги диференцираме согласно куповната моќ или возраста. Поаѓајќи од фактот дека полисата за осигурување на живот е неминовна потреба за обезбедување на финансиска сигурност на едно цело семејство, развивме ценовно прифатливи програми за осигурување, кои овозможува финансиска сигурност и за само 20 евра месечно. Во клиентското портфолио доминираат осигуреници на возраст помеѓу 30 и 55 години. Пред сè, станува збор за активно работно население кое двоејќи дел од својот домашен буџет инвестира во финансиски посигурна иднина.

Што планирате за следниот период? На кои новини ќе се фокусирате?

Учета Дузлевска:„Кроациа Осигурување“ е стабилна и силна компанија со над 130-годишна традиција. Присуството на македонскиот пазар е секако дел од стратешките цели на Групацијата  и тука очекувам само понатамошна развојна линија, зацврстување на позициите и отворање на нови поглавја во развојот на Компанијата, со проширување на брендот со нови инвестиции и  нудење на нови услуги. Верувам дека покажавме дека сме достоен и лојален партнер на македонските граѓани, но и на нашите деловни партнери. Наша долгорочна цел е развојниот пат да продолжи стабилно да се движи напред. 

„Кроациа Осигурување – Живот“ истрча најбрзо за двоцифрен раст на животното осигурување