КАКО ВРАБОТЕНИТЕ ДА ФУНКЦИОНИОРААТ НА НАЈВИСОКО НИВО НА ПРОДУКТИВНОСТ?
➢ Актуелно (24.09.2020)
👁 Прочитано: 1151



КАКО ВРАБОТЕНИТЕ ДА ФУНКЦИОНИОРААТ НА НАЈВИСОКО НИВО НА ПРОДУКТИВНОСТ?

Четврток, 24 септември  2020 година, е означен како старт на Клубот на менаџери -  претприемачи за 2020 година. Причината добро позната пандемијата поради КОВИД-19 и неможноста за каква било организирање на едукативни настани со физичко присуство. Со цел членовите на Клубот на менаџери да ги проследат барем дел од предвидените настани кои беа дел од Агендата за 2020 година, а во согласност со донесените протоколи од страна на Владата на Република Северна Македонија за организирање едукативни настани, беше реализаран првиот од низата настани што ќе следат на тема: „Како вработените да функциониораат на највисоко ниво на продуктивност?“ Денешена обука беше реализирана во соработка со добро познатиот д-р Жарко Костиќ, доктор по медицина, мотивациски говорник и тренер за личен развој. На оваа тема и слични теми  д-р Костиќ има одржано над 2000 предавања и над 300 ТВ и радио емисии, а воедно е и автор и водител на мотивациската ТВ емисија „Откриени тајни“.

Според д-р Костиќ, од сите одлуки што ги донесува менаџерот, ниедна одлука не е толку важна како што е одлуката за луѓето, бидејќи луѓето се оние кои ја одредуваат работата на една организација.

Мерењето на перформансите на вработените е начинот на кој се управува развојот на човечките ресурси, односно преку мерење на постигнатите резултати: индивидуални и колективни. Некои од показателите за успешност се: продуктивност, број на трансакции по вработен, заработка по вработен и многу повеќе. Методот на мерење на работата на вработените зависи од неколку фактори, а некои критериуми за мерење на работењето на вработените се разликуваат во зависност од активноста и обемот на работењето на компанијата.

Доколку еден менаџер на  компанија сака да ја подобри продуктивноста во работењето на вработените, користејќи соодветни алатки и методи за мерење, од суштинско значење и примарни критериуми за оценување на перформансите да бидат: транспарентност на оценувањето и објективноста на оценувачите. Доколку овие критериуми не се исполнети или кога вработениот нема повратни информации за неговата работа, без оглед на тоа како компанијата има одреден систем за управување со перформансите, неговата примена ќе биде неефективна и посакуваните цели на компанијата нема да се постигнат: ефективна и мотивирачка работна средина.

Кога би ги прашале, поголемиот дел од менаџерите би се сложиле дека е битно да се биде директен и одреден за време на разговорот за непродуктивноста на вработените, и дека е важно да се даде искрена конструктивна критика. Според д-р Костиќ, добро е менаџерите да посочат примери како работата се променила и зошто вработените не успеваат да ги исполнуваат очекувањата, но треба да се избегне генерализирање. Одмерена и правовремена критика е клучна. Што подолго некој проблем останува да „виси“, толку потешко може да се реши. Значи, што порано почнете интеракција, помалку ќе оставите простор вработени тоа да го гледаат како казнување. Освен тоа, така ќе им се даде до знаење дека се наоѓаат во околина која поттикнува личен развој.

Како и во минатата година, така и во оваа ќе се трудиме да обезбедиме едукативни програми и обуки кои ќе им овозможат на менаџерите да го поттикнат сопствениот стручен и професионален развој, но и да обезбедат адекватна и мотивирана работна сила, иновативни производи и конкурентска предност која произлегува од подготвеноста на менаџерот - претприемач да се носи со своите обврски и секојдневно да инвестира во својот тим.

Валентина Цветковска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија