ГРАДЕЖНИШТВОТО ДОПРВA ЗНАЧИТЕЛНО МОЖЕ ДА ГИ ПОЧУВСТВУВА НЕГАТИВНИТЕ ЕФЕКТИ ОД КРИЗАТА
👁 Прочитано: 4976



ГРАДЕЖНИШТВОТО ДОПРВA ЗНАЧИТЕЛНО МОЖЕ ДА ГИ ПОЧУВСТВУВА НЕГАТИВНИТЕ ЕФЕКТИ ОД КРИЗАТА

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите

Секторот градежништво во јуни годинава почна особено да ги чувствува негативните ефекти од кризата поради корона вирусот во тековното работење кое се одвиваше изминатиов период со намалени кадровски капацитети и намалена продуктивност поради доследно почитување на мерките и на препораките за заштита на здравјето, отежната наплата на побарувањата и сервисирање на обврските од страна на деловните партнери и на државните институции. Моменталните состојби се потврда дека кризата зема поголем замав во градежништвото, а негативните импликации ќе се чувствуваат на подолг рок.

Податоците покажуваат генерален пад на речиси сите параметри кои го отсликуваат секторот. Во март градежништвото го прекина трендот на пораст и оствари пад од 19,4 % во однос на март 2019 година, а намалувањето во целост е последица на падот на извршените градежни работи кај високоградбата (-55,3 %), додека нискоградбата оствари пораст од 26,03 %, меѓутоа веќе во април падот се почувствува и во нискоградбата. Во четвртиот месец годинава градежништвото забележа пад од 14,9 % во однос на април претходната година, што се должи на падот во високоградбата од 29,6 % и падот во нискоградбата од 6,3 %.

Имајќи предвид дека градежните циклуси се одвиваат подолгорочно и позабавено, градежништвото допрвa значително може да ги почувствува негативните ефекти од кризата.

Служба за информирање при Комората