„Онлајн„-состанок на странските инвеститори со генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски

   

👁 Прочитано: 1621


„Онлајн„-состанок на странските инвеститори со генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори на 3.6.2020 година одржа „онлајн“-состанок со генералниот секретар на Владата на РСМ,  Драги Рашковски.

Главна тема на состанокот беше појаснувањето и размената на мислења околу Јавниот повик за поднесување барања за утврдување на статус на стратешки инвестициони проекти, а се дискутираше и за владините економски мерки за поддршка на стопанството за справување со последиците од Ковид-19.

Како што информираше генералниот секретар Рашковски, Владата неодамна објави Јавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект согласно Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија.

- Целта на овој закон кој е целосно усогласен со Директивите на Европската унија е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, раст на економијата, вработување, примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности за поголем извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија, - потецира Рашковски.

Со овој закон се отвора можност за голем инвестициски циклус во државата, не само на државно, туку и на локално ниво и сето тоа со поддршка директно од државата, бидејќи стратешкиот инвестициски проект може да користи државна помош согласно Законот за контрола на државната помош.

Кој проект ќе биде стратешки инвестициски проект, потенцира Рашковски, ќе одлучува Комисија составена од 9 постојани членови од Владата и министерствата и 3 привремени членови од министерствата во чија надлежност е проектот, од општината и од регулаторно тело.

За стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територијата на Република Северна Македонија, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

На јавниот повик ќе можат да аплицираат сите заинтересирани домашни или странски инвеститори со проекти кои согласно условите на јавниот повик ќе се смеатат за стратешки, а повикот е отворен 365 дена во годината.

Во натамошниот тек на состанокот странските компании се осврнаа и на ефектите од економските мерки на Владата за поддршка на стопанството за справување со последиците од пандемијата, на ургентната потреба од прифаќање на предлозите и препораките од членките на Асоцијацијата за помош на компаниите за справување со кризната состојба, како и за барањето за усогласување на царинските стапки на технолошки напредни производи со царинските стапки во ЕУ.