КОЈ ПАМЕТИ ЗБОРОВИ Е ПАМЕТЕН, КОЈ ПАМЕТИ БРОЈКИ Е МУДАР!

   

👁 Прочитано: 1036


КОЈ ПАМЕТИ ЗБОРОВИ Е ПАМЕТЕН, КОЈ ПАМЕТИ БРОЈКИ Е МУДАР!

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

за интерна употреба

 

Бидејќи во изминатиов период кажавме се` што можеше и требаше да се каже, a мислам дека имавме како никогаш досега конструктивна улога во справување со здравствено-економската криза, време e да се сконцентрираме на проблемите со ликвидноста и извозот.

Така ќе можеме, покрај ставовите, да изнесеме и сериозни бројки.

Што запаметивме од досега искажаните зборови и ставови?

Ги запаметивме барем насловите на овие понеделнички пораки кои мислам навреме најавуваа се`. И кризата, и преговорите меѓу јавниот и приватниот сектор кои се нужни, и приближувањето на ставовите за мерките и опасноста од поединечно гледање на мерките, на крајот и најавата за големите проблеми на бизнисот што допрва доаѓаат.

 

 

КОЈ ПАМЕТИ ЗБОРОВИ Е ПАМЕТЕН, КОЈ ПАМЕТИ БРОЈКИ Е МУДАР! КОЈ ПАМЕТИ ЗБОРОВИ Е ПАМЕТЕН, КОЈ ПАМЕТИ БРОЈКИ Е МУДАР!

 

Што треба да знаеме за понатаму?

 

1.    Бидејќи се концентрираме на проблемот на ликвидноста и на извозот, НЕМА ВЕЌЕ ВРЕМЕ ЗА АНКЕТИ.
Од утре ги повикувам сите наши членки секојдневно да го информираат Кризниот штаб на Стопанската комора на Македонија за промените кај нив и на таков начин да ни дадат шанса да ја оствариме основната наша функција – навремено да ја информираме Владата за реалната состојба како тие би имале правилна проценка за конципирање на мерките.   

2.    Аналитичкиот тим во Комората мора експресно да ги обработува бројките и информациите и исто така на дневна основа да го информира Централниот кризен штаб на Владата, па и во деновите кога нема да има значајни промени.

3.    Од утре, ставовите на Кризниот штаб на Стопанската комора на Македонија, во јавноста ги соопштува м-р Антони Пешев, носител на функцијата претседавач на Собранието на Комората, кое брои 85 репрезентативни претставници на бизнисот, науката и меѓународните здруженија. Тони е наш долгогодишен активист, но и основач на една од најстарите наши приватни компании „Ултра“ (1989 година), член на Владата и министер во периодот 1992 – 1993 година и член на повеќе меѓународни организации.
Се надевам дека неговото искуство и познавање на состојбите во реалниот сектор каде што тој егзистира ќе придонесат јавноста и бизнисот да слушнат информации и бројки од самиот терен.

Во името на Комората му се заблагодарувам на м-р Зоран Јовановски за одлично завршената работа на најпрофесионален можен начин.

Одиме понатаму, двајцата остануваат членови на Кризниот штаб и Ви стојат на располагање за комуникација со Вас.

КОЈ ПАМЕТИ ЗБОРОВИ Е ПАМЕТЕН, КОЈ ПАМЕТИ БРОЈКИ Е МУДАР!

 

4.    На крајот, сакам да Ве информирам дека ќе испратам писмо до членовите на Собранието дека предвидените активности за избор на Управен одбор и други функции во Комората ќе продолжат во рок од 10 дена, после престанување на Одлуката на Владата број 62 од 12.3.2020 година за мерки за спречување на внесување и ширење на корона вирусот Ковид-19 со која, меѓу другото, се препорача на приватниот сектор да ги откажат сите настани, патувања, собири, обуки, семинари, конференции и друг тип на средби.

Во Статутот на Стопанската комора на Македонија нема одредба за „онлајн“-седници и затоа решив да не правиме никакви прекршоци на Статутот, туку едноставно периодот на важење на оваа Одлука да го констатираме како „правен вакуум“ предизвикан од виша сила, што значи, роковите ќе продолжат онаму каде што се прекинати со Одлуката на Владата.  

П.С. Од комуникациите со бизнисмените во текот на оваа недела, најчестиот нивен коментар е АКО ОВАА КРИЗА НЕ УСПЕЕ ДА НЕ` НАТЕРА ДА ПОСТИГНЕМЕ КОНСЕНЗУС НА ДРЖАВНО НИВО, ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ИМАМЕ ПРОБЛЕМ И ТЕШКО НИ СЕ ПИШУВА. Не знам зошто, но ете тоа нека биде едно предупредување за се` она што ни претстои затоа што веќе сме членки на НАТО  и сме на чекор за отпочнување преговори со Европската унија, a консензусот во вакви услови треба да биде нормална работа.