„ЕДЕН РЕГИОН - ЕДНА ЕКОНОМИЈА“ - КАКО КИФ ПРИДОНЕСУВА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ИДЕЈАТА?

   

АКТУЕЛНО / 18.11.2019
👁 Прочитано: 254


„ЕДЕН РЕГИОН - ЕДНА ЕКОНОМИЈА“ - КАКО КИФ ПРИДОНЕСУВА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ИДЕЈАТА?

Регионалната економска соработка и перспективите кои таа може да ги донесе во регионот на Западен Балкан беа во фокусот на дискусијата на Виенскиот Економски форум, кој се одржа на 18.11.2019 година во Виена, на тема „Од планска до пазарна економија – 30 години од падот на Берлинскиот ѕид“.

Д-р Татјана Штерјова, директор на дирекцијата на здруженија и регионални комори во Комората, и национален координатор за Коморскиот инвестициски форум во Комората, посочи дека причината зошто КИФ е можеби најважната алатка за зајакнување на регионалната економска соработка и еден од најуспешните резултати на Берлинскиот процес е затоа што во суштината на неговото постоење лежи позитивната премиса дека заеднички можеме да направиме многу повеќе во однос на економскиот развој на секоја од државите, но и на целиот регион, отколку што некогаш би можеле да направиме секој од нас поодделно.

- Бизнисите од регионот на Западен Балкан немаат искуство, се соочуваат со поголеми бариери во меѓународното работење и имаат послаб систем на поддршка од нивните партнери во Европската унија, и затоа КИФ своите активности ги насочува кон обезбедување на поддршка за компаниите да се справуваат со овие проблеми, а тие се повеќезначни. Од една страна, студиите покажуваат дека камионите годишно губат приближно 26 милиони часови на чекање на граничните премини, што придонесува за губење на 1% од БДП и намалување на извозот за 1%, или повеќе од 7% кога станува збор за земјоделските производи. Покрај тоа, овие компании имаат големи трошоци поврзани со исполнувањето на административните барања на секоја граница што ја преминуваат - непризнавањето на сертификати и други придружни документи при извозот е сè уште најпроблематичното прашање за нашите компании, посочи Штерјова.

Дополнително, нашите компании постојано се оценуваат на ниско ниво на глобалниот рејтинг на иновативност и конкурентност - на пример Северна Македонија беше рангирана на 59 место (од вкупно 126 држави) на глобалниот индекс за иновации во 2019 година, а на 82 место на извештајот за Глобална конкурентност на Светскиот економски форум. Проблем исто така предизвикува и обезбедувањето на квалификувана работна сила - една студија на Светската банка проценува дека скоро 25% од младите во регионот се неактивни, што значи дека не се вработени, ниту се вклучени во процесите на образование или обука. Високата невработеност кај младите варира во целиот регион: Албанија и Црна Гора имаат најниски стапки, а БиХ и Косово највисоки. Во  Северна Македонија, на пример, стапката на невработеност кај младите достигнува 50%, а една од причините за ова е неусогласеноста на потребните вештини на пазарот на трудот и оние стекнати преку процесот на едукација и обука.

Затоа, заедничките активности и проекти што се во тек во КИФ се насочени кон овие прашања - либерализација на трговијата, подобра подготвеност за извоз за нашите компании, воведувањето на практичната работа како дел од системите на формалното образование, дигитализација како предуслов за подобрување на конкурентноста и иновативноста на западните Балкански компании. Од слободната трговија и регионалната интеграција на долг рок добиваат сите земји, беше заклучокот на дискусијата во која учество земаа и Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија и  организатор на Бизнис Форумот на Копаоник, Гордан Милиниќ, директор на Агенцијата за промоција на странските инвестиции на Босна и Хецеговина и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање во Владата на Република Северна Македонија.

- Многу години наназад активно зборуваме и работиме на прашањето за економската интеграција на регионот. Тоа помеѓу другото, значи дека ЕУ очекува од нас прво да почнеме забрзано да соработуваме помеѓу себе, пред да можеме да очекуваме било какво забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ. Во 2018 година, на пример, размената со земјите од Западен Балкан учествува со 9,77% во вкупната размена на Република Северна Македонија со светот, и вкупниот обем на размена останува на приближно истото ниво во последните 7 години, при што обемот на размена изнесува помеѓу 1.200 и 1.550 милиони САД$, посочи Штерјова.

При тоа, вкупната трговска размена за осумте месеци годинава со земјите од Западен Балкан - 6 изнесува 1,1 милијарди САД $, со раст од 10,6% споредено со периодот I-VIII-2018 година. Извозот изнесува скоро 536,9 милиони САД $, со зголемување од 13,3%, додека увозот изнесува 560,1 милиони САД $, и исто така со зголемување од 8,2%. Вкупната трговска размена на РСМ за периодот I-VIII-2019 со останатите земји од ЗБ-6 во вредност од 1,1 милијарда САД$ структурно учествува со 10,02% наспроти вкупната размена со светот. Во рамките на структурното учество со земјите на ЗБ-6 во вкупната трговска размена на Македонија најголем удел има Србија со 56,8% (623 милиони САД$)  и Косово со 22% (241,4 милиони САД$).

Во рамките на Форумот, на Северна Македонија и беше доделена награда за држава –соработник за 2019 година, која во име на државата ја прими Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија.

Д-р Татјана Штерјова