НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА (МЕА)

   

АКТУЕЛНО / 20.02.2019
👁 Прочитано: 2798


НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА АСОЦИЈАЦИЈА (МЕА)

Македонската енергетска асоцијација (МЕА), во соработка со Министерството за економија, организираше јавна расправа по Нацрт-законот за енергетска ефикасност. На јавната расправа присуствуваше министерот за економија, м-р Крешник Бектеши, претставници на голем број стопански субјекти, заинтересирани страни и  надлежни институции. Целта на јавната расправа е да придонесе за подобрување на текстот на Нацрт-законот за енергетска ефикасност кој се очекува да биде донесен следниот месец.

Цели на Законот за енергетска ефикасност се:

* намалување на потрошувачката на енергија, особено од фосилни горива, со примена на мерки за енергетска ефикасност заради создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор;
* намалување на негативното влијание врз околината; 
* исполнување на обврските преземени со ратификуваните меѓународни договори;
* зголемување на енергетската ефикасност во областа на домувањето, во комерцијалниот и јавниот сектор, индустријата, транспортниот сектор и енергетската опрема;
* зголемување на енергетската ефикасност со поттикнување на искористувањето на обновливите извори на енергија;
* создавање на услови за вршење на енергетските услуги и поттикнување на дејностите и достапноста на производи со кои се зголемува  енергетската ефикасност и
* воспоставување рамка за енергетско означување и еко дизајн на производите кои користат енергија.

Владата ќе донесе уредби со кои ќе се определат целите за заштеда на енергија до 2020 и до 2030 година и соодветно на тоа ќе се изготвуваат тригодишни акциони планови за спроведување на мерките за енергетска ефикасност (ЕЕ). Општините ќе донесуваат програми за енергетска ефикасност на секои три години, по претходна согласност од Агенцијата. Обврски за јавниот сектор е да реконструира  најмалку 1 % од вкупната корисна подна површина над 250 м2 на зградите на годишно ниво, кои ги користат или се во сопственост на органите на централната власт. Владата ќе го усвои Планот за реконструкција кој ќе се реализира со средства од буџетот. Сите јавни органи при спроведување  јавни набавки ќе имаат обврска да набавуваат производи со соодветна енергетска класа. Исто така, обврска е да поседуваат Информациски систем за следење на потрошувачката на енергија, како и Алатка за следење и верификација (МВП) и годишно известување

Владата ќе донесе Уредба која може да пропише:

1. правила и обврски за операторите на дистрибутивните мрежи и/или снабдувачите на пазарите на енергија за постигнување заштеди во крајната потрошувачка на енергија и/или
2. примена на алтернативни мерки.

Енергетска ефикасност во индустријата и во комерцијалниот сектор се состои во тоа што големите претпријатија имаат обврски за задолжителна енергетска контрола, а истата ќе ја вршат надворешни овластени енергетски контролори во индустријата и во комерцијалниот сектор, како и овластени енергетски контролори кои се вработени во големо претпријатие. Големите претпријатија спроведуваат енергетска контрола на секои 4 години или применуваат Систем за управување со енергија. Исто така, големите претпријатија до Агенцијата доставуваат Известување и Извештај и останатите податоци во врска со спроведената енергетска контрола.

Според Законот за енергетска ефикасност, малите и средните претпријатија немаат обврска за спроведување енергетска контрола.

Министерството за економија  има задача да промовира:

* развивање на програми за поттикнување на малите и средните претпријатија да вршат доброволни енергетски контроли и да ги спроведуваат препораките од контролите;
* предности од управувањето со енергијата преку презентации на студии на случај за најдобрите практики кај малите и средните претпријатија;
* развивање програми за подигнување на свеста на јавноста за придобивките од енергетските контроли преку соодветни советодавни услуги и
* поттикнување и учество во развојот на дополнителни обуки и други програми наменети на енергетските контролори.

Министерството ги спроведува испитите и издава овластувања за енергетски контролори во индустријата и во комерцијалниот сектор, ги издава лиценците за енергетски контролори во индустријата и во комерцијалниот сектор, а Агенцијата за енергетика врши избор на правни лица за спроведување обуки за полагање и за усовршување и годишно испитување на квалитетот на спроведените енергетски контроли.

Операторите на системите за пренос, дистрибуција и снабдување со енергија имаат обврска за проценка на потенцијалот за енергетска ефикасност на нивните системи.

При изградба на нови енергетски објекти, инвеститорот има обврска да направи анализа на трошоци и придобивки при поднесување барање за издавање  овластување за изградба на нови објекти за производство на електрична и/или топлинска енергија (термоцентрали) или реновирање, како и нови дистрибутивни мрежи за централно греење.

Министерството ќе подготви Стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради до 2030 година и План за зголемување на бројот на згради со приближно нулта потрошувачка на енергија во државата.

Производите што користат енергија или имаат влијание на потрошувачката на енергија можат да се стават во промет и/или ставаат во употреба само доколку:

* ги исполнуваат утврдените технички барања во врска со еко дизајнот на производите;
* нивната усогласеност е утврдена во пропишана постапка и
* ако се означени во согласност со прописот кој ги пропишува барањата за еко дизајн на соодветната група на производи.
* Производите што користат енергија мора да бидат означени со соодветна етикета.
* Содржината на етикетата ја утврдува министерот со Правилник за означување на потрошувачката на енергија.
* Контрола врши Државниот пазарен инспекторат.
* Снабдувачите, трговците и Државниот пазарен инспекторат имаат обврска да достават годишни извештаи до Агенцијата.
* Министерството врши надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, освен над прописите и правилата донесени или одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.
* Министерството врши надзор над работењето на Агенцијата во согласност со овој закон.
* Министерството врши надзор над законитоста на работата на единиците на локалната самоуправа во согласност со овој закон.
* Регулаторната комисија за енергетика врши надзор над работењето на вршителите на регулирани енергетски дејности во согласност со овој закон.
* Агенцијата врши надзор над спроведувањето на мерките и активности предложени со Акционен план за енергетска ефикасност и програмите за енергетска ефикасност на единиците на локалната самоуправа, како и надзор над постигнатите цели на енергетската ефикасност утврдени со овој закон.

Перо Авакумовски