Македонската енергетска асоцијација (МЕА), на 24.12.2018 година, го разгледуваше Енергетскиот биланс за 2019 година. Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2019 година е изработен во согласност со Законот за енергетика и со Правилникот за енергетски биланси и енергетска статистика и претставува индикативен плански документ каде се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во државата и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз. Во 2019 година се предвидува дека потрошувачката на финална енергија ќе изнесува 2007,5 ktoe, што претставува зголемување за 0,7 % во однос на потрошувачката на финална енергија во 2018 година.
Во поглед на потрошувачката на енергенти, нафтените продукти остануваат со најголемо учество од 50,4 % (1011,4 ktoe), електричната енергија со 27,5 % (552,5 ktoe), биомасата со 11,4 % (206,4 ktoe) и јаглените со 6,1 % (120,8 ktoe). Сообраќајот го има приматот на секторот со најголема потрошувачка. Неговата потрошувачка во 2019 година се предвидува да биде 750,4 ktoe што е 37 % од вкупната потрошувачка на финална енергија, а по него следуваат секторот домаќинство со 526,8 ktoe (26%), секторот индустрија со 422 ktoe (21%), комерцијалниот и услужниот сектор со 231 ktoe (12%), земјоделството со 22,2 ktoe (1%) и неенергетските потреби со 55,1 ktoe (3%). Предвидените потреби од енергија за 2019 година се проектирани на 2653 ktoe што е зголемување за 2% во однос на 2018 година. Во 2019 година се предвидува нафтените продукти да учествуваат со 37 % (1027,1 ktoe), а јаглените 32 % (871,9 ktoe). Исто така, се предвидува, биомасата да учествува со 8 % (220,6 ktoe), природниот гас со 8 % (210,3 ktoe), хидроенергијата 5 % (144,1 ktoe), а ветерната (8.2 ktoe), геотермалната (5,9 ktoe), биогасот (4,5 ktoe) и соларната енергија (2.1 ktoe) со нешто над 0% учество. Нето увозот во 2019 година ќе изнесува 1716,6 ktoe и ќе претставува 65 % од вкупно потребната енергија.
Електрична енергија: Производството на електрична енергија на ниво на генератор во Република Македонија во 2019 година се предвидува да биде 5989 GWh што е за 7,1 % повисоко во однос на 2018 година.
Природен гас: За 2019 година се предвидени 256233 илјади Nm3 природен гас, од кои 203586 илјади Nm3 е предвидено да бидат потрошени за производство на електрична и топлинска енергија. За финална потрошувачка се предвидени 51343 илјади Nm3 од кои 43185 илјади Nm3 се за индустријата.
Нафтени продукти: Во 2019 година се прогнозира речиси иста потрошувачка на нафтени продукти како и во 2018 година, односно прогнозирано е таа да изнесува 1012,4 ktое. За енергетски трансформации, во термоелектраните на јаглен за потпала и поддршка во просецот на согорување, е предвидено да се употребат 16,4 ktое, додека останатите 996,1 се предвидува да се употребат за финална потрошувачка во секторите.
Јаглени: Вкупно 5480 kt од кои 5260 kt лигнит, 100 kt суб-битоминозен јаглен (увозен лигнит со повисока калорична вредност), 3 kt кокс се предвидува да се потрошат во 2019 година. Потрошувачката на јаглен за енергетски трансформации се очекува да биде околу 5278.2 kt, количество што е наменето за производство на електрична енергија.
Биомаса: Вкупните потреби од биомаса се предвидува да бидат 1127.9 илјади m3 огревно дрво, 82.8 kt дрвени отпадоци, брикети и пелети и 33.4 илјади m3 дрво од овошни насади или друг вид на растителни отпадоци.
Топлина: Во 2019 година предвидено е производство на топлина од 2610 ТЈ. Од овие потреби 18121 ТЈ се предвидени за домаќинствата, 337 ТЈ за комерцијалниот и услужниот сектор, 118 ТЈ за индустријата и 340 ТЈ (13 %) се загуби.
Перо Авакумовски