КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА – ПОСТОЈАН ИЗБРАН СУД – АРБИТРАЖА ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
➢ Актуелно (26.08.2020)
👁 Прочитано: 1634



КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА –  ПОСТОЈАН ИЗБРАН СУД – АРБИТРАЖА ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија. Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност.

Договарањето на надлежноста на арбитражата се врши со писмен договор, кој може да биде во вид на арбитражна клаузула предвидена во основниот договор или во вид на посебен договор со кој на недвосмислен начин се утврдува дека надлежност за решавање на одреден спор ќе има Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со утврдените правила на постапката.

За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

"Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража".

Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.

Многубројни се причините поради кои треба да се договара надлежноста на арбитражата. Некои од причините се следни:

Непристрасност во одлучувањето - со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера.

Стручност - арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите се познати и признати експерти во својата област и за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава.

Степени на одлучување - во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен.

Брзина на постапката - вообичаено траење на арбитражната постапка е 6-9 месеци.

Кратки рокови - роковите што ги одредува Арбитражниот суд за поднесување на поднесоците не би требало да се подолги од 30 дена.

 Доверливост - арбитражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само во согласност со странките.

Правосилност и извршност на арбитражната одлука - Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна.

Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, истата може да се изврши по пат на присилно извршување.

Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија своите надлежности ги врши преку претседателот на Арбитражата, потпретседателите и другите членови на претседателството, преку секретарот на Арбитражата и арбитрите кои како арбитри-поединци или во арбитражни совети постапуваат во споровите пред Арбитражата или во врска со нив. Актуелен претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража е д-р Горан Рафајловски.

Контакт од Секретарот на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија:

м-р Нена Николовска: nena@mchamber.mk , Тел. +389 (02) 3 244 454

Служба за информирање при Комората