Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
17.10.2019 👁 Прочитано: 639

МОДЕЛИ НА КРЕДИТИРАЊЕ НА ШПАРКАСЕ БАНКА ЗА БИЗНИСМЕНИТЕ ВО КИЧЕВО


Регионалната комора со седиште во Кичево при Стопанската комора на Македонија, во соработка со Шпаркасе Банка Македонија АД - Скопје, организираше презентација на тема „Модели на кредитирање на Шпаркасе Банка Македонија АД - Скопје“ во Кичево.

Со зголемување на обемот на работа на компаниите  расте и потребата за трајни обртни средства и набавка на нови машини, односно на патот на развојот потребно е да се купи или да се изгради нов деловен објект, производствен погон, складиште и канцелариски простор. За таа цел, во зависност од потребите на фирмите во Кичево, регионалниот директор на „Шпаркасе банка“, Фљорин Идризи, го претстави спектарот на различни модели на краткорочно и долгорочно кредитирање со цел запознавање одблиску на бизнис заедницата во регионот и зголемување на соработката.

Игор Ристески ги презентираше условите за користење на краткорочен револвинг кредит во делот на тековната ликвидност, краткорочен кредит за обртни средства и краткорочен лимит за кредитирање. Во делот на инвестициски кредити и проекти на компаниите им се достапни кредити за трајни обртни средства, инвестициски кредити, кредит за финансирање на изградба на објекти наменети за продажба, кредит за финансирање на изградба на објекти наменети за издавање и финансирање на проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори.

На презентацијата детално беа објаснети и процедурите за  добивање  соодветна банкарска гаранција со цел реализација на бизнис проекти и успешно одржување на тековните операции, како што се денарски гаранции, девизни гаранции, акредитиви, наплата и краткорочен лимит за акредитиви или гаранции.

Заинтересираните компании имаа можност на презентацијата да дискутираат за сите прашања околу условите и начинот на аплицирање за користење на средствата. 

Потрошувачки кредити за енергетска ефикасност во рамки на Проектот „Western Balkans Green Economy Investments (GEFF)“ на ЕБОР ги претстави Ловре Ристески, менаџер за координација помеѓу ЕБРД и банките.

GEFF во Македонија е дел од Програмата за финансирање на „зелена“ економија во Западен Балкан со која Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува и поддржува инвестиции во „зелена“ економија. Поволностите со наменските ЕКО-кредити за унапредување на енергетската ефикасност во домаќинствата за успешно имплементирани и потврдени проекти се прифатливи за инвестициски грантови од 15% до 20% од инвестиционата вредност.

На презентацијата присуствуваше и раководителот на Експозитурата во Кичево, Јованка Лазаровска, а се истакнаа и кредитите за физички лица, кои се ненаменски потрошувачки кредити - Super S, С-ПЛАН ненаменски потрошувачки кредит со животно осигурување, потрошувачки кредити за пензионери, без ризик - потрошувачки кредит со животно осигурување, брз потрошувачки кредит, S Plus – потрошувачки кредит со животно осигурување, потоа наменски кредити како што се станбени кредити, автомобилски кредит, кредит за школување и ЕКО-кредит додека има и кредити за други намени, хипотекарни кредити, кредити со депозит и дозволено пречекорување.

Регионалната комора со седиште во Кичево согласно потребите на членките и следење на нивниот развој и подобрување на конкурентноста и во иднина ќе продолжи со организација на активности насочени за подобрување на условите за работа на стопанството со цел искористување на поволните и достапни можности.

Дијана Лазороска Јованоска

МОДЕЛИ НА КРЕДИТИРАЊЕ НА ШПАРКАСЕ БАНКА ЗА  БИЗНИСМЕНИТЕ ВО КИЧЕВО
МОДЕЛИ НА КРЕДИТИРАЊЕ НА ШПАРКАСЕ БАНКА ЗА  БИЗНИСМЕНИТЕ ВО КИЧЕВО