ЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА

   

АКТУЕЛНО / 17.01.2020
👁 Прочитано: 577


ЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА

Во насока на имплементација на добрата практика за унапредување на јавно-приватниот дијалог преку спроведување на консултации со бизнис заедницата,  со цел  креирање на приоритетите на економските програми во пресрет на изборните процеси, претставниците на бизнис заедницата и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одржаа работна средба во просториите на Стопанската комора на Македонија.

Со цел формирање на програма којашто би била функционална, применлива и во насока на креирање долгорочни решенија за македонската економија, потребно е да се слушне гласот на бизнис секторот што би се преточило во десет годишна агенда која ќе се реализира во наредниот период. Потребно е во иднина ваквите средби да продолжат во насока на креирање измени и предлог решенија во интерес на компаниите но и на општеството во целост- истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

На состанокот со претседателот на СДСМ Зоран заев и дел од тимот соработници на економски план,  претставниците од бизнис заедницата низ дискусија ги потенцираа клучните приоритети на коишто би требало да се засноваат економските и општествените реформи во државата. Потребно е да се креира програма којашто ќе се заснова на принципот на визија, мисија и стратегија, со јасно поставени цели што и каде сака Македонија да стигне и како во таа насока да се работи на зајакнување на економските политики на државата.

ЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТАПотребно е да се работи на реформи коишто ќе придонесат за побрзо приклучување кон Европската Унија, што ќе се постигне преку: воведување на дуалниот систем на образование и креирање на адекватна и продуктивна работна сила според потребите на бизнис секторот, зајакнување на конкурентноста на македонската економија преку обезбедување на поддршка и воведување конкретни мерки за извозно ориентираните компании вклучувајќи и темелно ревидирање на царинската политика во однос на репро материјалите што се користат како суровина наменета за производи за извоз, раст на животниот стандард, креирање на одговорност и подигање на нивото на ефикасност во јавната администрација, воведување на реформи во правниот систем, воведување на етички и морални стандарди во системското функционирање, децентрализација на локалната власт и поголема комуникација и координација меѓу државните институции. 

Нивото на комуникација меѓу државните органи и приватниот сектор потребно е да продолжи не само во насока на креирање на релевантните законски прописи, туку и во делот на нивната имплементација. Во насока на подигање на нивото на одговорност, респонзивност и поголема доследност во имплементацијата на зацртаните цели во програмата за економски раст, стопанствениците препорачаа дека би било добро решение пред самиот почеток на изборните процеси, јасно да се дефинираат и именуваат потенцијалните носители на клучните позиции во државната власт. Со оваа постапка би се избегнале оддолжувањата во процесот на формирање на нова влада, што значително би имало позитивни ефекти за бизнис заедницата.

Во насока на долгорочно планирање, бизнис заедницата порача дека од идната власт очекува да биде донесена национална развојна програма за 2020 – 2030 година во која ќе бидат конципирани сите нивни барања, како и растовареност од нови обврски се до членството на земјава во ЕУ.

Во наредниот период, потребен е оптимизам за да можат во што поскоро време да се спроведат новите реформи. Следува период на соочување со трансформации према кои ќе треба да се прилагодиме и менуваме. Преку позитивни примери и имплементација на барањата ќе се врати довербата и оптимизмот- посочи Азески.

ЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТАЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА
ЛИДЕРОТ НА СДСМ НА РАБОТНА СРЕДБА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА

По заокружување на дискусијата од бизнисмените присутни на работната средба, претседателот на СДСМ Зоран Заев, посочи дека во наредниот период, Република Северна Македонија ја очекуваат драстични промени особено со отпочнувањето на пристапните преговори кон Европската Унија. Една од причините  зошто земјата е насочена кон реализирање на евроинтеграциските цели и НАТО, е раст на економскиот стандард, зголемувањето на бруто домашниот производ, отворање на нови работни места и раст на платите, но и креирање на нови општествени политики во корист на компаниите и граѓаните. Кога земјите од Вишеградската група се приклучуваа кон НАТО и ги отвораа поглавјата за членство во ЕУ имаа раст од пет до осум отсто, а некои достигнуваа раст и до 10- 12 отсто. Токму овие показатели, треба да ни бидат доволна мотивација да работиме многу за  бројките да бидат многу поголеми од сегашните. Поради тоа, потребно е да се креираат политики за создавање долгорочен економски раст со поголема предвидливост и остварливи цели. - додаде Зоран Заев во своето поздравно обраќање.

Средбата иницирана од СДСМ се реализира во пресрет на изработка на економската програма на политичката партија, а предлозите, забелешките и сугестиите изнесени во дискусијата треба да послужат за да се креираат предлози и мерки кои ќе бидат во интерес пред се на бизнисот, бидејќи нема успешна држава, без стабилен и успешен бизнис сектор, посочи Заев.

м-р Сања Николова
м-р Ивана Крстевска