Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ДЕЛОВЕН ЕКСЕЛ - ПИВОТ ТАБЕЛИ, СЦЕНАРИЈА И КОНТРОЛНИ ТАБЛИ ВО ФУНКЦИЈА НА ЕФИКАСНО И ЕФЕКТИВНО РАБОТЕЊЕ
➢ Актуелно (25.09.2020)
👁 Прочитано: 1796



Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ДЕЛОВЕН ЕКСЕЛ - ПИВОТ ТАБЕЛИ, СЦЕНАРИЈА И КОНТРОЛНИ ТАБЛИ ВО ФУНКЦИЈА НА ЕФИКАСНО И ЕФЕКТИВНО РАБОТЕЊЕ

Во деловното опкружување во кое голем дел од успехот зависи од способноста за управување со информациите и податоците, Microsoft Excel се смета за еден од најкорисните деловни програми за општа употреба. Наменет за систематизација, уредување и чување податоци, но и за нивна визуелизација и анализирање, оваа програма овозможува не само зголемена продуктивност, туку и значителна заштеда во време. 

Знаејќи ја важноста на Excel, Бизнис центарот за тренинг и обука во соработка со Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија, на 25 септември 2020 година, организираше „онлајн“ семинар на тема: „Деловен Ексел - пивот табели, сценарија и контролни табли во функција на ефикасно и ефективно работење“.

На семинарот учесниците практично применуваа табеларни пресметки, формули и функции, условно форматирање, креираа форми за внес на податоци, креираа графички прикази на податоци во рамки на ќелија, сѐ со цел ефикасност во решавањето на различни задачи од работното секојдневие. Беа опфатени и пивот табелите - еден од скриените адути на Ексел кои се применуваат во: администрација, финансии, продажба, набавка, водење на магацини, маркетинг, сметководство, аналитика и управување со ризици, односно секогаш кога е потребен брз, лесен и ефикасен начин за анализа и правење на извештаи. На семинарот беше демонстрирано и креирањето на Dashboard (контролни табли) – визуелен интерфејс кој дава визуелен преглед на комплетното работење врз основа на што брзо се донесуваат одлуки. 

Предавач на семинарот беше Ирина Иванова, дипломиран инженер и професор по информатика веќе 19 години, обучувач во областа на ИТ. Иванова активно е вклучена во проекти финансирани од ЕУ, УСАИД и Британскиот совет како експерт и обучувач. Воедно, таа е ETwinning и Scientix амбасадор за Македонија. Учесник е на бројни конференции, но и автор на прирачници за основно и учебници за средно образование.

М-р Анита Митревска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија