Одржан „он-лајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ИНКОТЕРМС 2020 - РАЗБИРАЊЕ И ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА ПРАВИЛАТА
➢ Актуелно (21.07.2020)
👁 Прочитано: 1422



Одржан „он-лајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ИНКОТЕРМС 2020 - РАЗБИРАЊЕ И ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА ПРАВИЛАТА

Глобалната економија му даде на бизнисот поотворен пристап до пазарите ширум светот од кога било порано. Стоките се продаваат во многу земји, во големи количини и со голема разновидност. Но, како волуменот и комплексноста на глобалната продажба расте, така растат и можностите за недоразбирање и скапи расправии кога договорите за продажба не се соодветно подготвени.

Инкотермс правилата, правилата на МТК (Меѓународна трговска комора) за користење на национални и меѓународни трговски термини, го олеснуваат водењето на глобалната трговија и истите се создадени уште во 1936 година и постојано се осовременуваат држејќи се во чекор со развојот на меѓународната трговија и имајќи го во предвид и континуираното ширење на бесцаринските зони, зголеменото користење на електронска комуникација со бизнис-трансакциите, зголемената важност на безбедноста при движењето на стоките и промените во транспортната пракса.

Повикувањето на правилото Incoterms® во договорот за продажба јасно ги дефинира поединечните обврски на страните и го намалува ризикот од судски комликации при почитување или непочитување на обврските на договорните органи.

Во насока на суштинско разбирање на најупотребуваните термини во меѓународната трговија со кои се олеснува размената на стоки и кои помагаат да се избегнат недоразбирањата меѓу партнерите, Стопанската комора на Македонија, на 21.07.2020 година, организираше „он-лајн“ семинар на тема: ИНКОТЕРМС 2020 - РАЗБИРАЊЕ И ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА ПРАВИЛАТА.

Правилата Incoterms® 2020 ги објаснуваат групите од три букви трговски термини, што ја рефлектираат бизнис-практиката во договорите за продажба на стоки и ги опишуваат главно обврските, трошоците и ризиците поврзани со испораката на стоките од продавачот до купувачот.

Инкотермс правилата ги дефинираат одговорностите на продавачот и купувачот при испорака на стоките според договорот за продажба. Тие се авторитативни правила за одредување како трошоците и ризиците се поделени на страните.

Правилата Incoterms® 2020 содржат 11 правила на Меѓународна Трговска Комора за користење на трговски термини и постојано се вклучени во договорите за продажба и купопродажба на стоки насекаде во светот и се дел од секојдневниот јазик на трговијата.

На „он-лајн“ семинар беа дадени одговори на најчесто поставуваните прашања кои на учесниците во иднина ќе им помогнат во извршување на своите работни задачи поврзани со правилото Incoterms® 2020 и тоа:

  • Што е тоа ИНКОТЕРМС и зошто 2020?
  • Зошто секоја фактура во надворешно-трговското работење содржи Инкотермс правило?
  • Што значи новото правило DPU?
  • Што е разликата помеѓу ИНКОТЕРМС 2010 и ИНКОТЕРМС 2020?
  • Кога имам контејнер дали треба да употребам FOB или FCA, CIP или CIF?
  • Чиј е ризикот кога стоките патуваат со правилото CPT (CPT Skopje)?
  • Што е разликата помеѓу CIP и CIF?
  • Кои главни обврски ги имаат страните во секое одделно правило?
  • Како правилно да ги употребувам правилата ИНКОТЕРМС 2020?

 

Предавач на семинарот беше Карло Змајшек, директор на Центарот за шпедиција во Макпетрол А.Д. Скопје, консултант-практичар со 30-годишно искуство во извозно-увозното работење и носител на авторските права за ИНКОТЕРМС 2010 на македонски јазик со одобрение на Меѓународната трговска комора од Париз.

 

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
советник во Стопанска комора на Македонија