ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
16.09.2019 👁 Прочитано: 349

БЕЗ НАСЛОВ, НО СО ПОВОД


Есенското загревање како полека да се приведува при крај. Минатата недела влеговме во офанзива на настани, случувања, збиднувања, кои сигурно ќе потраат до Нова година. Динамиката на тие активности треба на површина да ги исфрли стратешките прашања за понатамошниот развој на бизнисот во Македонија. Самитот на претприемачите од Балканот, организиран под брендот на „Форбс“, само ги најави големите случувања што ќе се менуваат како на лента. Сараево е следната дестинација, каде што ќе се соберат и ќе добијат награда најголемите компании од земјите на Западен Балкан. Следува посетата на челниците на универзитетот „Оксфорд“ и нивна средба со нашите врвни бизнисмени. Продолжува со Светскиот конгрес на претприемништво и завршува со традиционалната манифестација „Македонија 2025“, каде што годинава ние како СКМ имаме исклучително значајна улога.

Меѓутоа, за нас позначајно е што ќе се случува на домашен терен. Во минатата порака кажавме дека се создадени услови за шутирање пенал во реализација на клучните барања за создавање подобра бизнис-клима. Тука напоменавме неколку значајни расправи – Законот за извршување, Законско нормирање на холдинг-друштва, нетарифните давачки, прашањето за непризнаените трошоци, за ДДВ при увоз на суровини итн. Овие прашања бараат и заслужуваат голема упорност од наша страна и уште еднаш ја повикувам бизнис-заедницата да биде упорна и „досадна“, ако сакаме тие да најдат свое место во новите законски решенија. Како најава за таа наша упорност се минатонеделните средби на стопанствениците со заменик-претседателот на Владата, проф. д-р Кочо Анѓушев, околу примената на законите за финансиска поддршка на инвестициите и на платите, од кои се очекува значително влијание врз процесите на движење на капиталот и поттикнување на инвестициската активност. Од тие средби и разговори значаен е заклучокот дека СКМ мора да направи напор и да им помогне на компаниите во едуцирањето кадар кој професионално ќе ги следи законските и проектните активности, бидејќи во овој момент имаме отсуство на такви профили.

И на крајот не може да не се најават и конкрените активности на Комората, кои продолжуваат со истото темпо. Тука, пред сѐ, треба да се најави отворањето на новиот граничен премин Ќафасан кон Р Албанија, со што ќе се создадат услови за забрзан проток на стоки и на услуги; многузначајната Трибина за врската меѓу образовниот процес и бизнисот, што ќе се одржи на 24 септември и Седницата на нашиот Управен одбор, на која ќе се утврди текстот за промена на Статутот, кој ќе оди на расправа во наредните два месеца, и со кој треба да се изгради правна рамка за приспособување на Комората кон условите што ќе важат во наредните 20-ина години. БЕЗ НАСЛОВ, НО СО ПОВОДАктивностите во рамките на КИФ, исто така, остануваат во врвниот приоритет, затоа што се движиме кон утврдување на целите на неговото постоење, кои значат изградба на зенички институции и пакет-услуги за компаниите од WB6. Има ли уште нешто? Има. Тоа е постојаната обврска да ги надградуваме нашиот портал, нашиот кадар и нашите таргети, затоа што без таа континуирана активност нема ни егзистенција ни енергија во нашата институција. Можеби ќе е фраза, но редно е да повториме дека наредниот период е период на работа, работа и само работа. Упорност, упорност и само упорност. Една од новите работи што сакам да ги истакнам е новината што ќе биде видлива од први октомври на нашиот портал, каде што секој месец ќе се објавува компаративна анализа со нашите најблиски трговски партнери од 1991 г. до денес. Првата компаративна анализа ќе биде со Р Словенија, со која живеевме во иста држава, која ќе покаже какви ни биле развојните патишта од тогаш до денес. Поздрав до Саше и Игор кои ја направија таа анализа и кои го покажаа теркот по кој треба да оди оваа активност.

П.С. 1: Тука секогаш сме коментирале идни настани. Сега е редно и нешто да промениме. Да испратиме јавна честитка до двајца млади претприемачи – Аријана и Бојан Коскароски, организатори на петочниот Самит на балкански претприемачи, кои како репрезенти на Форбсовата листа на претприемачи под 30 години секојдневно покажуваат како треба да се работи. СКМ како најголема и најбројна бизнис-заедница ги препозна и ги поддржа исто како што тоа го направи и „Форбс“ и со тоа покажа дека сите напредни луѓе и напредни идеи секогаш ќе ги поддржува.

П.С. 2: Исто како што ги поздравивме Бојан и Аријана треба да ги поздравиме и нашите млади надежи и да ги поттикнеме на похрабро дејствување и нивна видливост во рамките на Комората. Она што не го гледам е активноста на нашите вработени во регионалните канцеларии, кои во овој период мора да имаат авангардна улога, бидејќи дејствуваат на терен и младите во централата во Скопје, кои секојдневно добиваат нови задолженија по здруженијата, центрите и по другите организациски делови. Се надевам дека оваа моја забелешка ќе ги охрабри да направат чекор напред и да ги изнесат своите ставови и иницијативи на порталот, пред претпоставените и пред јавноста и дека ќе докажат дека не мора да се биде иновативен само во приватниот сектор, туку и во бизнис-здруженијата и во администрацијата.