Нови прописи
   
ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ
15.10.2019

Согласно известувањето на Министерството за правда, целта на Предлог – законот за облигациони односи е усогласување со неколку директиви и тоа: Директива 2011/7/ЕУ за борба против задоцнето плаќање во трговските трансакции, во поглед на казнените камати, Директива 2011/83/ЕУ за правата на потрошувачите,во поглед на правата на патниците кај договорите за организирање патување, Директива 86/653/ЕЕЗ за усогласување на правата на државите-членки во поглед на самовработените трговски застапници, Директива(ЕУ) 2015/2302 за пакет-аранжманите и поврзаните патнички аранжмани.

I. Меѓу предвидените новини, со Предлог – законот за облигациони односи се предвидува и намалување на висината на стапката на законската и договорната казнена камата, како и определување на стапката на казнената камата за парични обврски изразени или определни во странска валута според висината на едномесечната стапка на ЕУРИБОР, односно ЛИБОР.

Имено, согласно Предлог - законот, стапката на законската казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на централната банка на државата (референтна стапка), што важи на првиот ден од тековното полугодие, зголемена за:

1) осум процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право и

2) шест процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец.

Централната банка на државата е должна да ја објави референтната стапка на својата веб страница во периодот од 1 до 31 декември и во периодот од 1 до 30 јуни и истата се применува за наредното полугодие (од 1 јануари до 30 јуни, односно од 1 јули до 31 декември).

Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на едномесечна стапка на ЕУРИБОР (за евра) или на ЛИБОР (за валутите за кои што се објавува стапка на ЛИБОР), што важи на првиот ден од тековното полугодие, зголемена за:

1) осум процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право; и

2) шест процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец.

Кога за соодветната валута на обврската изразена или определена во странска валута не се објавува стапка на ЛИБОР, како референтна се смета едномесечната стапка на ЕУРИБОР.

Во делот од Предлог – законот со кој се уредува висината на договорната казнена камата се предвидува дека во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право може да се договори и повисока стапка од стапката на законската казнена камата што важела на денот на склучување на договорот, но најмногу до триесет проценти повисока од утврдената стапка на законска казнена камата.

Судот ќе ја огласи одредбата со која што се договара стапка на договорна казнена камата повисока од стапката на законската казнена камата за целосно или делумно ништовна, доколку со истата е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни .

Судот нема да ја уважи практиката со која што се воспоставува стапка на договорна казнена камата повисока од стапката на законската казнена камата, доколку со истата е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни.

При оценувањето дали одредбата или практиката за определување на висината на стапката на договорната казнена камата е ништовна или неспроведлива, предвид ќе се земат сите околности на случајот, а особено дали очигледниот несразмер е спротивен на начелото на совесност и чесност и на трговските обичаи, каква е природата на стоките или услугите, како и дали постоела објективно оправдана причина, на страната на должникот, за договарање или примена на договорна казнена камата.

На ништовноста или на неспроведливоста на договорената или на воспоставената стапка на договорна казнена камата можат да се повикуваат и здруженијата на трговците како и здруженијата на потрошувачите.

Здруженијата на трговците како и здруженијата на потрошувачите можат да бараат од судот да изрече забрана за примена на практиката или забрана за примена на одредби од општите услови или од формуларните договори со кои што се воспоставува или се определува стапка на договорна казнена камата со која што се предизвикува очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни.

Дополнително, се уредува како и кога тече казнената камата, при што се предвидува дека казнената камата тече на стасаната а неисплатена главнина, сè до нејзината исплата, казнената камата стасува дневно и дека кога износот на стасаната а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.

Во делот на одредбите кои се однесуваат на каматата на камата се прецизира дека на износот на неисплатената договорна или казнена камата може да се бара казнена камата само од денот кога до судот е поднесено барање за нејзина исплата како главен долг.

II. Со Предлог – законот за облигациони односи се предвидуваат новини и во делот на одредбите со кои се уредува Договорот за организирање на патување (уреден со членовите 1053 – 1111 од Предлог - законот).

Имено со одредбите кои се однесуваат на договорот за организирање патување се уредува содржината и формата на договорот за организирање патување, видовите патнички услуги, пакет аранжманите, информирањето пред склучувањето на договорот, обврзност на информациите дадени пред склучувањето на договорот, дополнителните обврски на организаторите на патувањата во поглед на договорите на далечина, јазикот на преддоговорните информации, давањето примерок, односно потврда од договорот, посебните правила за договорот склучен по пат на телефон и договорите на далечина, обврските и одговорноста на организаторот на патувањето, обврските во поглед на исполнувањето на пакет-аранжманот, заштитата на правата и интересите на патникот, давањето помош, известувањата, обврската за нудење заменски пакет-аранжман, раскинувањето на договорот, намалувањето на цената, надоместот на штета, исклучувањето и ограничувањето на одговорноста на организаторот на патувањето, губењето на правата, гаранцијата од организаторот во случај на негов стечај, обврските на патникот, поврзаните патнички аранжмани и друго.

Согласно Предлог – законот, со договорот за организирање патување организаторот на патувањето се обврзува да му прибави на патникот комбинација од најмалку два вида патнички услуги во облик на пакет-аранжман, врз основа на еден или засебни договори, а патникот се обврзува за ова на организаторот на патувањето да му ја плати договорената цена. Како патнички услуги, се сметаат:

1) услугите на превоз на патници;

2) услугите на сместување, кога сместувањето не е неопходен дел од превозот на патници и не е за целите на домување;

3) услуги на закупување на автомобил, друго моторно возило во смисла на прописите за возилата или мотоцикл за кој што е потребна возачка дозвола од „А“ категорија согласно прописите за безбедност во сообраќајот на патиштата; и

4) било која друга туристичка услуга што не е неопходен дел на претходните патнички услуги.

Како организатор на патување, се смета трговецот кој врши комбинација на пакет-аранжманот и истиот го нуди или прибавува, непосредно или преку друг трговец или заедно со друг трговец, како и трговецот кој врши пренесување на податоците за името, за плаќањето и за електронската пошта на патникот на друг трговец, согласно правилата од овој оддел.

Како трговец, се смета било кое физичко или правно лице, независно дали е во приватна или јавна сопственост, кое самото или преку други лица кои преземаат работи во негово име или за негова сметка, а за целите на неговата трговска, деловна, занаетчиска или професионална дејност поврзана со договорите на кои што се однесуваат правилата од овој оддел, дејствува како организатор на патувањето, продавач на мало, трговец кој овозможува поврзан патнички аранжман или давач на патнички услуги.

Под пакет-аранжман, се подразбира комбинација на најмалку два различни вида патнички услуги за целите на исто патување или одмор, ако овие услуги се комбинирани од страна на ист трговец, вклучително и на барање на патникот или во согласност на изборот направен од страна на патникот, а пред склучувањето единствен договор за сите патнички услуги.

Исто така, под пакет-аранжман се подразбира и комбинацијата на најмалку два различни вида патнички услуги за целите на исто патување или одмор ако, независно од тоа дали се склучени засебни договори со поединечни давачи на патнички услуги, овие услуги се:

1) набавени од една точка на продажба и избрани пред патникот да се обврзе на плаќање;

2) понудени, набавени или наплатени по вклучена или вкупна цена;

3) огласувани или понудени под називот „пакет-аранжман“ или друг сличен назив;

4) комбинирани по склучувањето на договор со кој што трговецот го овластува патникот да избере помеѓу различни видови патнички услуги; или

5) набавени од различни трговци преку поврзани мрежни постапки за резервација каде името, податоците за плаќање и електронската пошта на патникот се пренесени од страна на трговец со кој е склучен првиот договор на друг трговец или трговци, а договорот со последниве е склучен најдоцна дваесет и четири часа по потврдувањето на резервацијата на првата патничка услуга.

Комбинацијата на патнички услуги каде што една или повеќе туристички услуги се комбинира со не повеќе од еден вид од останатите патнички услуги, со ограничувањата од овој оддел, не се смета за пакет-аранжман, доколку туристичките услуги немаат значаен удел во вредноста на комбинацијата и не се огласени или обврзност на информациите дадени пред склучувањето на договорот, инаку претставени како суштествен дел од комбинацијата, односно доколку туристичките услуги се избрани и набавени дури по започнувањето со исполнувањето на останатите патнички услуги.

Како точка на продажба, во смисла на овој оддел, се смета било кое место за малопродажба, подвижно или неподвижно, Интернет страница или слично мрежно место за малопродажба, како и оние што на патниците им се претставуваат како единствени, вклучувајќи ја и телефонската служба.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје