„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Порака од претседателот

Локални избори, приоритети на Комората и други активности

17.10.2025

Во недела ќе се одржат осмите по ред локални избори од осамостојувањето на државата на кои ќе се преиспита довербата на градоначалниците и советниците во повеќето општини за наредните четири  години. И уште еднаш ќе ја нагласам желбата на бизнис-заедницата – изборите да се одвиваат брзо, ефикасно и транспарентно. Доколку се случат инциденти ќе се вратиме чекор назад, а тоа, ни најмалку не ни е потребно.

Комората, како и секогаш, овој период го користи за „чистење на сопственото двориште“. Така овој пат, се решив да направиме сериозен пресек и да се посветиме на три клучни елементи, значајни за понатамошното приоритетно постапување.

1.     Прво, Планот за раст на Европската унија - кој темелно ќе биде разгледан и преку кој ќе испратиме порака дека немаме друга алтернатива освен европската, секако со наши аргументирани забелешки. Тука на површина исплива и последната одлука на Европската Унија - воведување квоти во металургијата која внимателно ја следиме.

2.     Второ, Стратегијата за развој 2024 -2028, изработена од Владата со поддршка на УНДП, која ќе претставува клучен документ за понатамошниот развој на државата.

3.     Трето, проблематиката на субвенционирањето од Буџетот, проследена со сериозна анализа од меѓународен карактер.

Во меѓувреме продолжуваат интензивните активности на планот на реформи во образованието, извозот и регионалната соработка.

Нè очекуваат и неколку билатерални и мултилатерални посети, како и продолжување на крупните проекти, меѓу кои се подкастот „Бизнис клуб“ со продукциската куќа „Трето Уво“ и неколку апликации на проектни активности.

Започна втората сезона на подкастот „Бизнис клуб“ во која ќе бидат претставени новоизбраните членови на органите и телата на Комората (Михаил Борозанов „Макпетрол“ АД, Скопје; Кастриот Реџепи, ВВ „Тиквеш“ АД, Кавадарци; Александар Манев, Друштво за неживотно осигурување, АД Скопје; Марта Наумовска-Грнарова, „Завар компани“, ДООЕЛ Скопје; Никица Мојсоска Блажевски, „Македонија 2025“, Скопје;Тони Јанковски, „ФД Динерс Клуб Интернационал МАК“, Скопје), регионалните бизнис лидери, Драган Бокан „Воли Трејд“, Емил Тедески, водечкиот двоец на „Атлантик груп“, Штефан Павлинјек, „Рото“ од Словенија; Александар Костиќ, „МК Груп“ Миодраг Влаовиќ..), како и личности кои немаат дадено јавно интервју во последните 10 години.

Сè на сè, нè очекува атрактивна сезона, во која во рамки на „Бизнис клуб Плус“ ќе гостуваат и личности како Мило Ѓукановиќ, Миодраг Мишковиќ, Стипе Месиќ и други.

Што се однесува до проектните активности, тие продолжуваат, но со послаб интензитет, од објективни причини.

Во меѓувреме, имавме посета од Ренато Гаро, директор за технологија во Google, и
Кит Карсвел, директор за економски развој и иновации во Општина Мајами (САД). Управниот одбор на Стопанската комора оствари работна средба со Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), а беше реализирана и работна средба со Управата за јавни приходи за соработка во процесот на воведување на е-фактурата.

Но исто така, морам да кажам дека решавањето на внатрешните слабости, кои претставуваат значаен индикатор за општите состојби во работењето на Комората ќе бидат во фокусот на нашето внимание. Сите оние кои мислат дека нивните слабости и грешки се заборавени, да бидат сигурни дека казната, порано или подоцна, ќе дојде затоа што непрофесионалното извршување на обврските не може да биде толерирано. Истото се однесува и на хонорарното ангажирање на проектите, кое како алтернатива е најјак индикатор за злоупотреба на парите од фондовите на Европската Унија.