„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
05.03.2025
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески денес одржа работен состанок со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е. Михалис Рокас. Средбата се одржа во просториите на Комората, а главен фокус на разговорите беа економските перспективи на земјата во контекст на евроинтегративниот процес, можностите за забрзување на процесот и подготвеноста на македонската економија да заземе активна улога во исполнување на критериумите и обрските кои произлегуваат од истиот.
Азески го запозна Рокас со моменталните економски состојби во државата, чекорите кои Стопанската комора ги презема за подготовка и јакнење на конкурентноста на нашите компании, со цел да бидат подготвени за ЕУ пазарите и усогласување со ЕУ законодавството, вклученоста на Комората во регионалните иницијативи и соработката со ЕУ институциите.
„Бизнис-заедницата е подготвена да ги прифати неопходните реформи, но за нивна успешна имплементација е потребна предвидлива бизнис-клима и силна поддршка од институциите. Приватниот сектор има клучната улога во процесот на пристапување кон ЕУ и затоа ЕУ е и останува клучен партнер за македонскиот бизнис“, нагласи Азески.
Во разговорот амбасадорот Рокас истакна дека е потребна политичка храброст за Северна Македонија да продолжи напред, но посочи дека го охрабрува фактот што бизнис-секторот го поддржува евроинтегративниот процес и најави дека во иднина приватниот сектор ќе биде еден од клучните двигатели.
На состанокот, на кој присуствуваше и генералниот секретар на Коморскиот Инвестициски Форум( ЗБ6-КИФ ) Татјана Штерјова Душковска, се отвори и прашањето за активностите на Стопанската комора на регионален план. Постои активен дијалог со институциите на ЕУ, и КИФ е вклучен во креирање и имплементација на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, потенцираше Штерјова Душковска.
Амбасадорот Рокас ја поздрави иницијативата за креирање на Бизнис- Клуб Европа при Стопанската комора на Северна Македонија, иницијатива посветена на поддршка на македонските компании во процесот на економска интеграција во ЕУ. Ова тело ќе функционира како платформа за поврзување на бизнисите со институциите на ЕУ, за спроведување на реформи, усогласување со европските регулативи и подобрување на конкурентноста на пазарот на ЕУ.
Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Комората, на состанокот истакна дека вклучувањето на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ предводени од ЕУ амбасадорот во активностите на Клуб Европа може значително да го зајакне процесот на економска интеграција и да ги подобри можностите за соработка помеѓу македонските компании и ЕУ бизнисите. Амбасадите можат да играат клучна улога во поврзувањето, финансиската поддршка и преносот на знаење, што ќе придонесе кон подобра подготовка на македонската економија за пристапување во ЕУ.