„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора на Северна Македонија е првата акредитирана институција во државата за организирање и реализација на обука за ментори за практично образование. Со Решението за акредитација, донесено од Министерството за образование и наука на 7 октомври 2026 година, Комората доби официјална потврда за исполнетоста на условите за спроведување на овие обуки.
Акредитацијата претставува значаен чекор во унапредувањето на квалитетот на практичното образование и признание за долгогодишното искуство на Комората во подготовката на ментори и поврзувањето на образованието со потребите на компаниите.
Менторите имаат клучна улога во учењето преку работа. Тие ги насочуваат учениците во совладувањето на практичните задачи, им го пренесуваат своето стручно искуство и им помагаат да развијат професионални вештини, работни навики и одговорен однос кон работата. Затоа, покрај стручните компетенции, неопходно е да поседуваат и педагошко-психолошки и методски знаења и вештини за работа со ученици.
Преку обуките, Комората ќе продолжи да ги подготвува менторите за планирање и реализација на практичното образование, следење на напредокот на учениците и соработка со училиштата. Со тоа се создаваат услови за поквалитетно учење во реална работна средина и за стекнување компетенции што одговараат на потребите на работодавачите.
Вложувањето во компетентни ментори е вложување во квалитетно практично образование и во идниот стручен кадар на компаниите. Со оваа акредитација, Комората дополнително ја зајакнува својата улога како партнер на деловната заедница и образовните институции во создавањето кадар по мерка на бизнисот.