„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ЕУ можности за раст на приватниот сектор во фокус на средбата со вицепремиерот Сали

05.05.2026

| Новости

 Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, беше домаќин на заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работна средба фокусирана на можностите што ги нуди Европската Унија за развој и раст на приватниот сектор.

На средбата, на која присуствуваа членови на Управниот одбор на Комората и на Бизнис клубот Европа, се отвори дискусија за потенцијалите за искористување на европските средства наменети за економски развој, дигитализација, зелена транзиција и поддршка на компаниите, како и за отворените прашања во економските односи со ЕУ.

Претседателот Азески истакна дека домашните компании во изминатиот период се соочуваат со сериозни предизвици поврзани со политиките на ЕУ, вклучително и посредни ограничувања на движењето на стоки и лица, најавените давачки за обновливи извори на енергија, заострувањето на заштитните мерки за челикот и воведувањето на јаглеродниот надоместок. Сепак, тој нагласи дека ЕУ останува клучен трговски партнер на земјата, поради што е неопходно понатамошно унапредување на соработката, како и засилени инвестиции во инфраструктурни проекти, со фокус на Коридорите 8 и 10, кои се основа за полесно функционирање на четирите слободи.

Азески потенцираше дека „државата бара трпеливост, а бизнисот бара брзина“, додавајќи дека токму ваквите средби се важни за изнаоѓање на заеднички, балансиран пристап.

Претседателот на Бизнис клубот Европа, Глигор Цветанов, посочи дека очекувањата на компаниите се големи, во насока на отворање на нови достапни фондови и отворање на пристапот до нови пазари (не само единствениот пазар на ЕУ, туку и сите пазарот со кои ЕУ има склучено договор за слободна трговија), што може да донесат вистински бенефити за компаниите. Посочи и дека Комората останува на располагање со сите свои капацитети да се стави во функција на институционалната преговарачка структура на државата во насока на искористувања на знаењата и искуствата на приватниот сектор во процесот.

Вицепремиерот Сали истакна дека Инструментот за претпристапна помош – ИПА III – претставува еден од најзначајните извори на финансиска и техничка поддршка за Северна Македонија, со над 625 милиони евра активни средства во тековниот програмски циклус. Во периодот 2021–2024 година се мобилизирани околу 460 милиони евра, додека за 2025–2027 се предвидени дополнителни 67 милиони евра.

Преку повеќегодишните оперативни програми за 2024–2027 година, обезбедени се 93,3 милиони евра за транспортна инфраструктура, 89,3 милиони евра за животна средина и 49,6 милиони евра за човечки капитал и вработување. Овие средства се насочени кон економски развој, дигитализација, зелена транзиција и поддршка на приватниот сектор, при што нивната ефективност зависи од степенот на искористеност, особено од страна на малите и средни претпријатија. Дополнително, посочи на конкретни чекори од Реформската Агенда во кои вклучувањето на приватниот сектор е клучно за да има успешна имплементација.

Во дискусијата, присутните имаа можност да продискутираат за % на искористеност на ИПа фондовите, и потребата од зајакнување на капацитетите за да може да се повлекуваат повеќе средства од достапните фондови, со цел да може да се испорачуваат инфраструктурни проекти кои се од интерес за бизнисите, прашањето на регулирањето на престојот на возачите во патниот сообраќај во Шенген зоната, примената на EES (Entry-Exit System) и проблемите кои ги предизвикува за остварување на правото на слободно движење, можностите за ревизија на чекорите предвидени во Реформската агенда, апсорпциониот капацитет за средствата кои се достапни на основа на Инструментот, и евентуалната можност за повлекување на дополнително средства кои нема да бидат апсорбирани од останатите држави од Западен Балкан, предизвиците кои ги отвораат пресметувањето на јаглеродниот надоместок, дигиталниот пасош за производи, но и најавеното заострување на заштитните мерки за челикот.

Средбата ја потврди заедничката заложба за поинтензивна соработка меѓу институциите и бизнис-заедницата, со цел поефикасно искористување на европските можности и забрзување на економскиот развој.