„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Како крајна точка на железничката линија (во западниот дел), Кичево локациски има добра основа да поддржи мултимодален транспортен јазол, како транзитен центар каде што товарот што доаѓа со железница би можел да се пренесе со камиони за понатамошен транспорт (на пример, кон албанската страна или пристаништето Драч). Овој концепт е стратегиски насочен кон намалување на трошоците, зголемување на логистичкиот капацитет и намалување на загадувањето со користење на железницата за поголем дел од транспортниот товар и овозможува лесно префлање од еден во друг начин на транспорт, рече претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески на седницата на Регионалната комора со седиште во Кичево,
Во присуство на градоначалникот на општината д-р Александар Јованоски и регионалните комори на Кичево, Битола, Прилеп и Охрид, Азески нагласи дека концептот на соработка со Владата е на линија на која постојат идентични ставови од двете страни дека инвестициските активности се клуч за економски развој на државата. Сепак, за реализација на ваквата идеја потребно е да се изготви соодветен проект со точно дефинирање на изворите на средствата за финансирање и како можност тоа да биде по основ на јавно-приватно партнерство.
Концептот на меѓународен мултимодален транспорт се однесува на транспорт „од врата на врата“, со еден транспортен оператор и се применува во Европската унија. Во Европа функционираат повеќе од 600 вакви мултимодални транспортни објекти, што ги поврзуваат потрошувачите и производителите на одржлив начин.
Градоначалникот на Општина Кичево, д-р Александар Јованоски се осврна на важноста од развојот на бизнисите во регионот, а тој како претставник на локалната самоуправа започнал со создавање поволна клима за стопанството во овој регион. Истакна дека има барање за експресен пат за Битола кој ќе го поврзе регионот со грчка граница и се надева дека Кичево ќе биде крстосница и предност за развој на бизнисот. Испратено е и барање до директорот на технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), да се додели парцела на којашто ќе може да се развива простор за малите стопанственици, рече градоначалникот Јованоски. Овие парцели би ги користеле кичевските стопанственици, односно за услужни, производствени фирми кои би делувале во таканаречена мала развојна зона.
Претседателот на Регионалната комора во Кичево, Горан Петревски ги информираше присутните дека со бизнисмените од градот и околината се разговара како да се развива бизнис амбиенто во регионот. Она што е важно вели Петревски е дека бизнисот сака Кичево да оди напред, но само ако се реализира идејата со мултимодален транспортен јазол, што ќе ја активира железничката пруга од градот до други дестинации во државата, што ќе ја раздвижи и економската активност.
На седницата беа отворени теми и за актуелните економски состојби во регионот, поддршката на локалните компании и можностите за заеднички иницијативи меѓу бизнис-заедницата и локалната самоуправа.