„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Бизнис клуб

М-р Михајло Борозанов во „Бизнис-клуб“: Членовите на УО на СКСМ се исполнети со својата професија и посветени на заедницата

20.10.2025

М-р Михајло Борозанов, директор на Дирекцијата за финансии и член на Управниот одбор на „Макпетрол“ АД Скопје, но и претставник на помладата генерација во Управниот одбор на Стопанската комора, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески го сподели своето гледиште за составот на Управниот одбор на Комората, за работењето на Стручната служба во Комората, како и за улогата на стручниот кадар и за финансиската политика.

„Членовите на Управниот одбор на Стопанската комора се професионалци  исполнети со својата работа, кои сакаат да придонесат за заедницата и побргу да ги придвижат работите во правецот кој го посакуваме сите“, изјави м-р Борозанов.

 Запрашан за предизвиците во финансискиот систем, истакна дека најголем проблем претставува хартиеното работење. Сепак, дигитализацијата, според него, донела значителни подобрувања во однос на изминатите години. Тој нагласи дека треба да се има јасен приод спрема она што се работи: 1) активностите да се гледаат низ призмата на бизнисот; 2) секој процес треба да има финансиска основа и 3) да се постигне резултат и на финансиски план, што ја оправдува вложената работа.

„Во спротивно работењето би било бесмислено“, додаде Борозанов.

Во продолжение на поткастот стана збор за стручноста и знаењето на кадарот во нашата земја. М-р Борозан потсети дека Македонија отсекогаш имала квалитетен кадар кој бил ценет и надвор од земјата, но, за жал, денес неговиот потенцијал не е доволно искористен.

Претседателот Азески како пример го спомена Андреја Јосифоски, претседател на УО на „Макпетрол“ АД Скопје, кој својата професионална репутација ја изградил во Лондон во 90-тите години. Тој ја презел компанијата во период кога „Макпетрол“ го изгубил монополот на домашниот пазар и, успешно справувајќи се со предизвиците, успеал да ја задржи на врвот меѓу македонските компании според вкупниот приход. Со тоа докажал дека „Макпетрол“ може рамноправно да се натпреварува со големите компании на енергетскиот пазар.

На крајот на поткастот, запрашан за опстанокот и за иднината на државата, м-р Михајло Борозанов порача: „Најпатриотски чин е да се остане тука во земјава, да се создава тука, да се креираат вредности и да се плаќаат даноци.“