„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
02.10.2025
Во Стопанската комора на Северна Македонија се реализираше работна средба со д-р Пранвера Кастрати, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, која имаше за цел да се отвори дискусија за ефикасни механизми за надминување на состојбите во ситуациите кога некоја од договорните страни на ЦЕФТА воведува еднострани мерки кои ефективно ја попречуваат регионалната трговија, но и да се поразговара со македонските стопанственици за приоритетните предизвици во регионалната трговија со стоки и услуги.
На средбата, д-р Кастрати накратко ги изложи приоритетите во работењето на ЦЕФТА во следниот период, вклучувајќи го и воспоставувањето на зелените коридори и на граничните премини кои го поврзуваат регионот со Единствениот пазар на ЕУ, за што веќе се изготвени документи кои ги нотираат главните проблеми и предложените решенија за надминување на проблемите (преку инвестиции во инфраструктура, објекти и опрема, преку зајакнување на човечките капацитети, и преку интра-агенциска координација), кои се очекува да бидат формално одобрени од страна на лидерите од регионот до крајот на годината. Д-р Кастрати се осврна и на приоритетите за постигнување на целосно дигитализирана трговија (без употреба на хартиени документи), преку надоградување на SEED+ системот, надоградување на Traces системот, како и комплетирање на процесот на признавање на дигиталните потписи и сертификати помеѓу државите-потписнички на ЦЕФТА. Се осврна и на можностите за воспоставување на дополнително поволности за Овластените економски оператори, преку воведување на одделни ленти на граничните премини, но и комплетирање на процесот на признавање на нивниот статус и во размената со ЕУ.
Во дискусијата, компаниите се осврнаа на прашањата за потребата од дополнително поедноставување на царинските постапки и приоретизација на граничните премини за компаниите-овластени економски оператори, за можностите за воведување на целосно интегриран електронски систем за извозните и увозните процедури, за понатамошна либерализација на трговијата со овошје и зеленчук, но и за можноста ЦЕФТА да се заложува регионот да добива различен третман од сите останати трети земји кога станува збор за различните трговски политики и мерки на ЕУ.
Пред одржувањето на работната средба, организиран беше работен состанок на делегација на Управниот одбор на Комората, на која се дискутираше за неодамнешни активности во кои Комората беше ангажирана во однос на надминување на еднострано воведени нетарифни мерки кон македонските извозници од страна на една од договорните страни на ЦЕФТА, и беа дискутирани модалитетите за воспоставување на стандардизирани канали на комуникација помеѓу Коморите од подрачјето на ЦЕФТА и ЦЕФТА Секретаријатот, кој би овозможил навремено пријавување на ваквите ситуации до Комитетот на нетарифни мерки на ЦЕФТА, и соодветно постапување/одлучување по тие пријави од страна на Комитетот.
ЦЕФТА Договорот од 2006 година е регионален трговски договор кој ги поврзува земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија) и Молдавија, со цел да се олесни трговијата и да се поттикне економската соработка, преку намалување или елиминирање на царините и нетарифните бариери. ЦЕФТА Договорот е важен чекор за подготовка на земјите за идно членство во Европската унија, бидејќи ги усогласува правилата со европските стандарди.
Од почетокот на 2025 започна имплементацијата на второто продолжение на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар, поставен во временската рамка 2025-2028, кој ги зацртува клучните приоритети за надминување на бариерите во регионалната размена, но и забрзување на усогласувањето со ЕУ правила и стандарди, со цел да ја надогради подготвеноста на секоја од економиите од Западен Балкан за интеграција на единствениот пазар на ЕУ во согласност со Новиот план за раст. Како пример, олеснувањето на слободното движење на работната сила во рамките на Западен Балкан потенцијално би можело да го зголеми БДП на регионот за 1,3% до 2025 година, додека поволното и конкурентно опкружување се очекува да придонесе за годишен раст од 2%, да привлече до 6,5 % повеќе инвестиции и да доведе до зголемување на стапката на раст на работните места до 1% годишно, истовремено зголемувајќи ја продуктивноста на МСП за 5% до 10%.