„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
13.05.2025
Претседателот на Стопанската комора Азески на Самитот на Македонија 2025
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, заедно со претставници од раководството на Комората присуствуваа на 14-то издание на Самитот на Македонија2025, што се одржува oд 12 до 14 мај во хотелот „Мериот“ во Скопје. Самитот претставува водечки регионален настан посветен на економскиот развој, иновациите и технолошкиот напредок, а оваа година собра над 550 учесници – меѓу кои домашни и странски лидери, бизнисмени, претставници на дијаспората и академската заедница.
Во фокусот на Самитот се теми од клучно значење за иднината на македонската економија, меѓу кои забрзан економски раст, дигитална трансформација, иновации и привлекување странски инвестиции. Претседателот Азески ја искористи можноста за размена на мислења со врвни лидери и експерти од различни сектори, со цел унапредување на регионалната соработка и поврзување на домашниот бизнис-сектор со глобалните текови.
На свеченото отворање на Самитот, воведни обраќања имаа претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и извршната директорка проф. д-р Никица М. Блажевски, а еден од главните говорници беше и премиерот Христијан Мицкоски. Присуството на истакнати владини претставници, како и лидерите од бизнис-заедницата, го потврдува значењето на Самитот како стратешка платформа за креирање политики и визии за одржлив развој на Македонија.
Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оствари работна средба со делегација од Норвешка, составена од претставници на бизнис-асоцијацијата СМБ Норвешка и на Норвешко-македонската стопанска комора со седиште во Осло. Разговорите беа насочени кон унапредување на деловната соработка и размена на искуства за подобрување на регулативата и условите за малите и средните претпријатија во двете земји.
На средбата се дискутираше за економските потенцијали на Северна Македонија, како и за можностите за продлабочување на економската соработка, која моментално е на скромно ниво. Посебен акцент беше ставен на организирање заеднички активности и настани, со цел воспоставување поцврсти врски меѓу компаниите од двете земји. Договорено е да се иницира формализирање на соработката и во втората половина од годината да се организира повратна посета на норвешки компании во Македонија.
Според најновите податоци, трговската размена меѓу двете земји во 2024 година изнесувала 11,3 милиони долари, што претставува раст од 3,42 % во споредба со 2023 година. Извозот достигнал 5,93 милиони долари (раст од 7,68 %), додека увозот изнесувал 5,45 милиони долари. Во првите два месеци од 2025 година, трговската размена изнесува 1,85 милиони долари, што е за 3 % повеќе од истиот период минатата година.
Средба на претседателот Азески со претставници на земјите-членки од ЕУ во земјата
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во текот на вчерашниот ден оствари средба и со највисоките дипломатски претставници на земјите членки на Европската Унија кои имаат амбасади во Скопје. Средбата беше посветена на иницијативата за формирање на Бизнис-клуб Европа – нова платформа за соработка помеѓу дипломатските мисии на ЕУ и претставници на македонскиот бизнис-сектор.
Идејата зад клубот е да обедини околу дваесет истакнати сопственици и менаџери на македонски компании заедно со претставниците на ЕУ-земјите, со единствена цел да ги поттикнат активностите за економска соработка со Европската Унија. Главните теми на кои ќе се работи се постигнување на стандардите, забрзување на протокот на стоки и услуги, искористување на европските фондови и примена на европски вредности во домашното деловно работење.
На средбата беше заклучено дека присутните изнесоа конструктивни предлози кои ќе бидат вградени во процесот на конституирање на клубот, планиран за почетокот на јуни. Новоформираниот Бизнис-клуб Европа веќе предизвика голем интерес кај македонските компании, бидејќи претставува прв обид за ваков вид интерактивен дијалог со конкретни цели и содржини.
Азески ги прогласи фирмите на Крис Павловски за членки на Стопанската комора
Синоќа, во ексклузивниот ресторан „Риа“ во Скопје, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, му ги врачи обележјата за членство на Крис Павловски, со што неговата компанија „Рамбл“ (Rumble) официјално стана членка на Комората. На свечената вечера во организација на Македонија2025 присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, членовите на Одборот на директори на Македонија2025, како и поранешниот премиер на Грузија, кој е учесник на Самитот Македонија2025.
Азески истакна дека Македонија треба да се гордее со луѓе како г. Павловски, кои не се само симбол на младите Македонци, туку и на младите претприемачи низ светот. Крис Павловски, канаѓанец со македонско потекло, е основач и извршен директор на видео-платформата „Рамбл“, основана во 2013 година. Благодарение на неговото визионерство и претприемачки дух, „Рамбл“ прерасна во глобална технолошка компанија со пазарна вредност од над 3,6 милијарди долари, а лично богатство на Павловски се проценува на околу 1,3 милијарди долари .
Во своето обраќање, г. Павловски изрази благодарност за признанието и истакна дека е возбуден и изненаден од гестот. Тој порача дека со сите сили ќе се залага за промоција на Македонија во најдобро светло низ светот. На Стопанската комора ѝ посака многу успех и интернационализација на нејзиното работење, со цел да држи чекор со најновите глобални збиднувања.
Претседателите на Владата и на Стопанската комора, Мицкоски и Азески, пред свечената вечера