„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
09.05.2025
Во насока на јакнење на врските меѓу науката и стопанството како предуслов за поголема конкурентност, во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа инфо-настан посветен на можностите што ги нуди европската програма СОЅТ (European Cooperation in Science and Technology). Настанот беше организиран во соработка со Министерството за образование и наука, со цел да се охрабрат компаниите од реалниот сектор да се вклучат во научно-истражувачки мрежи и поголема соработка на европско ниво.
За можностите на СОЅТ зборуваа Зоран Т. Поповски, потпретседател на програмата, и Александар Тутновски, национален координатор.
Програмата СОЅТ е најголемата европска платформа за вмрежување на научници и иноватори, а македонските компании преку неа имаат можност за вклучување во европски истражувачки мрежи, пристап до знаење и технологии, како и развој на иновативни решенија преку соработка со академскиот сектор.
Преку презентациите и конкретни примери, претставниците на компаниите се запознаа со начините за вклучување во СОЅТ акциите (проектите) – како што се краткорочни научни мисии, школи за обука, конференции, комуникациски активности и други форми на поддршка.
Иако Македонија е членка на СОЅТ од 2002 година, интересот од страна на бизнис-заедницата сè уште е скромен. Претставниците на СОЅТ нагласија дека токму преку вакви настани се зголемуваат можностите за поголема соработка меѓу науката и реалниот сектор која понатаму треба да доведе и до поголема конкурентност на компаниите.
СОЅТ е формирана уште во 1971 година, со 41 земја-членка и партнери од целиот свет. Денес поврзува околу 60.000 научници од целиот свет.