„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Граѓаните треба да бидат информирани за квалитетот пред да вложат во недвижности

04.03.2025

Гостување на Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија, во Дневникот на МРТ

Цените на становите, особено порастот на цената на квадратниот метар, продолжуваат да бидат актуелна тема во јавноста. Во своето гостување во Дневникот на МРТ, Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека цените на недвижнините се во голема мера определени од понудата и побарувачката на пазарот. Скопје и Охрид остануваат најатрактивни локации за купување станови, но сè поголемиот пораст на цените создава дилеми кај граѓаните.

„За одредена група граѓани купувањето стан претставува инвестиција, но за мнозинството тој е место за живеење. Сепак, со ваквата експанзија на цените на станбениот квадрат граѓаните треба да бидат внимателни. Тие мора да бидат добро информирани за тоа што добиваат точно за цената што ја плаќаат“, нагласи Серафимовски.

Тој додаде дека разликата меѓу луксузните станбени единици и просечните комерцијални станови е значителна, па затоа е многу важно граѓаните да направат правилен избор за да избегнат забуни. Серафимовски ја поздрави иницијативата на Владата за изградба на станбени единици кај кои Владата се појавува како инвеститор и за искористување на земјиштето и на ресурсите што ги поседува за вакви инвестиции, за да се спречи натамошното енормно поскапување на недвижностите.

Дополнително, во однос на проблемот со недостиг на квалификувана работна сила во градежниот сектор, тој истакна дека увозот на работна сила не е трајно решение. „Државата треба сериозно да размисли за изготвување стратегија за промоција на градежниот сектор како идна професија за младите“, нагласи претседателот на Здружението за градежништво.

 

За повеќе детали, целото гостување може да го погледнете на следниот линк.

 

https://play.mrt.com.mk/play/582375