„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Образование - инвестиција во бизнисот

Дуалниот модел на образование можност за зголемување на вработеноста на завршените средношколци

20.12.2024

Успешната приказна за соработката на РЦСОО „Коле Неделковски“ и компанијата за медицинска опрема „Ронтис“ од Велес

„Проектот за дуално образование има практична вредност и ги дава првите резултати во добивањето практични вештини кај учениците и нивно вработување во компаниите каде што ја реализираат практичната обука. Со дуалното образование децата веднаш по завршувањето на средното образование наоѓаат работа. На воведувањето ваков концепт заради обезбедување квалификуван кадар како комора работиме 13 години, а денес веќе можеме да зборуваме за резултатите од него. Се скрши големата бариера која постоеше во семејствата, а тоа е да се прати детето во некое средно стручно училиште. Се срушија табуата меѓу учениците за упис во средните стручни училишта, а сѐ поголем е бројот на средношколци кои посетуваат дуално образование, па така денес имаме 70 % запишани ученици во стручното, а само 30 % во гимназиското образование. Во последните пет години од 11 компании кои активно беа вклучени дојдовме до бројка од 560 компании во Македонија. Тоа кажува дека проектот има широк одѕив“, истакна извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев на настанот што го организираше Стопанската комора во соработка со проектот „Образование за вработување (Е4Е)“.

Настанот се реализираше во компанијата „Ронтис“ во Велес, каде што учениците од секторот машинство (квалификација техничар за производствено машинство) од РЦСОО „Коле Неделковски“ Велес ги реализираат практичната обука и учењето преку работа, што претставува успешна приказна за тесната соработка на бизнис-заедницата и стручните училишта, како и на триаголникот ментор во компанија–ученик–наставник по практична настава, што е основа за квалитетна реализација на практична обука на реално работно место.

На настанот присуствуваа и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска; н. е. Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во РСМ, земја која дава силна поддршка за воведување на дуалното образование во нашата земја, и директорката на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“ Велес, како и учениците од РЦСОО „Коле Неделковски“ Велес кои реализираат практична обука во компанијата и родителите чии деца реализираат практична настава во компанијата.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Јаневска, истакна дека овој настан е добар пример за успешно стручно образование и обука, што се должи на поддршката што ја даваат Стопанската комора и Швајцарија, која има долга традиција на дуално образование. „Концептот на дуално образование го создава потребниот, доброподготвен кадар за потребите на стопанството и со тоа го намалува јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на човечки капитал. Заедно со нашите партнери ќе продолжиме да го спроведуваме и да го надградуваме овој концепт на образование во рамките на проектот ’Образование за вработување’, кој, пак, овозможи обединување на енергијата и заедничко креирање ефектни образовни политики, па наскоро очекувам да се донесе и новиот Закон за стручно образование и обука, кој е во собраниска процедура и со кој, всушност, системски ќе се уреди концептот за дуално образование“, изјави министерката Јаневска.

„Како министерка преземам и конкретна иницијатива за оваа соработка да продолжи, па така Министерството веќе испрати допис до општините и до средните стручни училишта, кои, во координација со компаниите, треба да достават информации за реалните потреби од одреден кадар, за да можеме соодветно да ги планираме и квотите за упис на ученици во средно образование во конкурсот за следната учебна година“, додаде Јаневска.

Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека е многу важно приватниот сектор да се вклучи во дуалниот систем за образование. „Тоа ќе овозможи сите млади кои ќе ги посетуваат овие училишта да можат директно кај нив да се вработат и да бидат корисни за компаниите. Швајцарија веќе има ваков систем на дуално стручно образование бидејќи е важно образованието да одговара на потребите на приватниот сектор. Преку овој проект ние ги пренесуваме позитивните искуства од Швајцарија во вашата земја“, рече амбасадорката Улман.

Бојана Димовска, директорка на компанијата „Ронтис“, истакна дека како единствена компанија за производство на крвни линии за хемодијализа во земјава, помагала за администрација на течности и нивни додатоци, катетери и назален аспиратор веќе трета година имаат соработка за дуално образование со средното училиште РЦСОО „Коле Неделковски“, а ваквата соработка е овозможена преку Стопанската комора, а со поддршка на швајцарската Амбасада.

„Освен стипендијата што ја земаат учениците запишани во дуалните паралелки од Министерството, во износ од 3.500 денари, учениците кои посетуваат дуална настава и кои работат во нашата компанија добиваат дополнителна стипендија. Тоа е солиден придонес, кој им овозможува да добиваат средства и да бидат мотивирани за и натаму да продолжат да работат кај нас. Со тоа добивме неочекуван пресврт. Кога започнаа да доаѓаат првите ученици тука, тие јавно кажуваа дека сакаат да заминат од земјава и да го продолжат животниот пат во странство. Денес сакаат да останат и да го продолжат животот со вработување во ’Ронтис’“, рече директорката Бојана Димовска.

Директорка на средното училиште РСЦОО „Коле Неделковски“ од Велес, Весна Богоевска, истакна дека благодарение на соработката со бизнис-секторот, со три компании каде што учениците реализираат дуално образование, добиле грант во висина од 500.000 евра преку Регионалниот фонд за предизвици. „Со овие средства се започна со реконструкција на машинската работилница и со набавка на дидактички материјали“, истакна директорката на Регионалниот центар за стручно образование и обука.

ДПТ „Ронтис“ ДООЕЛ е компанија од фармацевтската област, која веќе тринаесет години ја пишува својата успешна приказна во производствените погони во Велес. Производствениот процес во компанијата, каде што главниот фокус е ставен на производството на крвни линии за хемодијализа, со својата специфичност воедно е и единствен од ваков вид во земјава. Покрај крвни линии, „Ронтис“ е производител и на помагала за администрација на течности и нивни додатоци, катетери и назален аспиратор. „Ронтис“ е извозно ориентирана компанија и своите производи ги извезува на високосензитивните пазари. Визијата на оваа компанија е да обезбеди најиновативни и доверливи решенија за да стане меѓународен лидер во глобалната здравствена индустрија.