„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Практична настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот

15.12.2024

 На иницијатива на Стопанската комора се одржа дебата на тема: „Придобивки од воведувањето на практичната настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот“ на која присуствува претставници на компании, членки на Комората и  декани со дел од наставниот кадар на повеќе факултети при УКИМ, за потребата од иницирање на практична настава во високото образование во нашата држава, со вклучување на компаниите за подобрување и обезбедување на квалитетот во текот на наставниот процес.

Воведни обраќања имаа претседателот на Комората Бранко Азески, Н.Е. Вероник Хулман, амбасадор, Амбасада на Швајцарија и д-р Биљана Ангелова, Ректор, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Од сега, па во наредните 10 години ја гледам Комората како иницијатор на промените кои ќе се случуваат во високото образование, бидејќи образованието е темел на државата. Потребни се суштински промени во високото образование, а пример за тоа се ефектите што ги постигнавме сите заедно со реформите во средното стручно образование, изјави претседателот Азески пред присутните. Многу е важно, посочи Азески да имаме континуираност во образовните реформи, бидејќи само со континуитет може да се постигнат ефекти. Искуството покажа дека за 30 години самостојност на државата имаме сменето 29 министри за образование што говори за перцепцијата на државата во изминатиот период кон образованието. Истакна дека компаниите и бизнис секторот во целост е подготвен да се вклучи и да го даде својот придонес за креирање висококвалификуван кадар согласно потребите на пазарот.  

„Тука сум денеска поради силната порака што веќе ја пренесе претседателот – соработката меѓу приватниот сектор и образовниот систем е клучна за економскиот раст, за иновативноста и за сите нас. А ваквата соработка меѓу приватниот сектор и образовниот систем, и на ниво на средно образование, но и кај високото образовани е клучен фактор за успехот на швајцарскиот иновативен капацитет и за способноста да се одржи растот во Швајцарија. Во Швајцарија, универзитетите тесно соработуваат со приватниот сектор, а приватниот сектор има луѓе во универзитетите што дозволува да се создадат вештините, квалификациите и компетенциите кои му се потребни. Всушност, иновациите се тие што ја носат Швајцарија напред, ова е мошне важно и тука мислам дека универзитетите играат клучна улога“, изјави амбасадорката на Швајцарија во РСМ, Н.Е. Вероник Хулман. Учеството на Швајцарија во образовниот систем на државата е значајно затоа што дава директна и отворена поддршка на реформите во образовниот систем во целост, вклучително и на реализацијата на дуалниот модел на образование во нашата земја.

Д-р Биљана Ангелова, Ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, потенцираше дека создавање на човечки капитал за потребите на пазарот на трудот е една од стратешките цели на УКИМ, но тоа мора да се обезбеди преку врските на академијата и стопанството. „Триаголникот, бизнис сектор – образование – држава често се дискутира но слабо се применува и мора да се почне со создавање кадар кој има применливи знаења, искуство, практични вештини, кои ќе се градат директно преку бизнис секторот и ќе овозможат вработливост на младите“, изјави ректорот на УКИМ д-р Ангелова.

Дебатата организирана во просториите на Комората ги поттикна претставаниците на компаниите и професорите да дадат свои видувања за актуелниот процес. Од аспект на бизнисот д-р Анита Блажевска, од Филип Морис посочи дека високото образование не ги следи со исто темо промените на бизнисот, а директорката на Макстил Марија Дуковска Павловска забележа дека треба да има холистички пристап во креирање на студиските програми кои треба да бидат прилагодени со потребите на компаниите, со вклучени трансферзални вештини ако сакаме да ги задржиме младите во државата, а компаниите да имаат стручен висококвалификуван кадар.   

На дебата се донесоа следните заклучоци:

-        Заеднички да се дизајнираат стандарди на квалификации и студиски програми и да се испорачаат квалификации преку усогласување на потребите на бизнис секторот за вештини и компетенции;

-        Воспоставување добро осмислена и функционално поставена институционална структура.

-        Системско уредување на практичната настава во високото образование преку измена и дополнување на

1.     Законот за високото образование:

  •  прецизирање на практичната настава во текот на академската година;
  •  прецизирање на улогата на менторите за реализација на практичната настава (од факултетите и од компаниите/организациите/фирмите);
  •  обука за ментори и сертифицирање за менторите.

2.     Нов Правилник за начинот и условите за организирање на практична.

Дебатата беше основ и за дискусија од страна на професорите присутни на настанот, кои едногласно искажуваат поддршка на процесот на прилагодување на високото образование на потребите на бизнисот, бидејќи само така можеме заеднички да планираме економски раст и развој на економијата.