„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
04.11.2025
 
На 03 ноември 2025 година, Здружението на финансиските организации при Стопанската комора на Северна Македонија потпиша Меморандум за соработка со Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), преку Факултетот за економски и административни науки. Меморандумот за соработка го потпишаа доц. д-р Лиза Алили Сулејмани, декан на Факултетот за економски и административни науки при МБУ, и г. Благоја Устијаноски, претседател на Здружението на финансиските организации при Стопанската комора на Северна Македонија.
Со Меморандумот двете институции имаат за цел да ја продлабочат веќе започната соработката со Здружението, да овозможат поголема интеракција помеѓу праксата и теоријата во доменот на образованието, специјализираните обуки и истражувачко – аналитичка работа, како и премостување на јазот помеѓу академското знаење и практичните потреби на финансискиот сектор, со фокус на области како што се банкарство, финансии, финтек и финансиски менаџмент.
 
За време на потпишувањето, доц. д-р Лиза Алили Сулејмани и доц. д-р Елена Парнарџиева Станоевска, во присуство на г. Устијаноски и г-ѓа Антонета Манова Ставреска, раководител на Здружението, се вклучија во дискусија во која се дефинираше рамката за потенцијална соработка. Во дијалогот особено се нагласи развојот на специјализирани програми за обука, заеднички истражувачки иницијативи и аналитички активности насочени кон унапредување на финансиската едукација и промовирање поголема финансиска инклузија. Дополнително, партнерството ќе им обезбеди на студентите можности за пракса, гостински предавања и заеднички истражувачки проекти, како и ќе го истражи развојот на специјализирани курсеви дизајнирани да ги задоволат потребите на финансиската индустрија.
Здружението на финансиските организации ги претставува интересите на своите членки и тоа: сите банки, сите штедилници, 8 од 11 осигурителни компании (неживотно), 4 од 5 осигурителни компании (животно), 5 од 7 лизинг компании, 22 од 26 небанкарски финансиски друштва, 4 од 4 пензиски капитални фондови и 35 осигурителни брокерски друштва. Стопанската комора на Северна Македонија, основана во 1922 година, е водечката независна бизнис асоцијација во земјата, која претставува широк спектар на сектори и индустрии. Нејзините компании-членки генерираат половина од вкупниот приход на приватниот сектор и речиси половина од неговата нето добивка, вработувајќи еден од секои тројца работници во приватниот сектор.