„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Со исклучителен ефект, значителна посетеност и силен деловен интерес од двете страни, во хотел „Мериот“ во Скопје се одржаа билатералните деловни (Б2Б) средби меѓу висока јапонска бизнис-делегација и македонскиот деловен и јавен сектор. Настанот беше организиран од Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) и Амбасадата на Јапонија во Скопје.
Бројките од настанот недвосмислено ја потврдуваат динамиката и потенцијалот на економската соработка меѓу двете земји: на средбите учествуваа 17 реномирани јапонски компании и финансиски институции, како и над 35 македонски компании и јавни претпријатија. Во текот на интензивната деловна сесија беа реализирани околу 120 билатерални состаноци, што претставува значаен одѕив и потврда за сериозноста на иницијативата.
Настанот официјално го отворија д-р Ристо Јаневски, претседател на Собранието на Стопанската комора, и г. Тадаши Мураками, генерален директор при виенската канцеларија на Јапонската организација за надворешна трговија. Во своето воведно обраќање, д-р Јаневски го истакна континуираниот напредок во македонско-јапонските економски односи, нагласувајќи дека мисијата означува премин од институционален дијалог кон директно деловно спојување, трансфер на технологии и вклучување на македонските компании во глобалните синџири на снабдување.
Во исклучително конструктивна и работна атмосфера, претставниците на водечките јапонски корпорации, конгломерати, логистички гиганти и финансиски и развојни институции — меѓу кои Hitachi, Itochu, Marubeni, Sumitomo Heavy Industries, Toshiba, TOPPAN, Takenaka, NYK Line, ONE, MUFG Bank, JICA и NEXI — остварија директни разговори со домашните субјекти. Средбите опфатија широк спектар на дејности, вклучувајќи ги енергетиката, зелената транзиција, инфраструктурата, градежништвото, машинската и фармацевтската индустрија, железничкиот и интермодалниот транспорт, логистиката, управувањето со води и ИКТ-секторот.
Двете страни изразија задоволство од организацијата, профилот на учесниците и конкретноста на разговорите, оценувајќи дека настанот постави цврсти темели за идни комерцијални договори, технолошки партнерства и нови инвестициски вложувања во Македонија.