„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во рамки на претстојниот Меѓународен саем за техника, технологија, енергетика и иновации – ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026, кој ќе се одржи од 29 до 31 октомври во салата „Борис Трајковски“ (Т-Арена) во Скопје (паралелно со Саемот за недвижности „Real Expo“), на 30 октомври ќе се одржи водечката индустриска конференција „Manufacturing 2026: Transformation Towards Innovation“. Конференцијата се реализира во партнерство помеѓу Македонската асоцијација на металната и електроиндустријата (МАМЕИ), Стопанската комора на Северна Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК.
На средбата со медиумите, извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска, и претседателката на Македонската асоцијација на металната и електроиндустријата (МАМЕИ), Марта Наумовска-Грнарова, ја истакнаа долгогодишната соработка и значењето на манифестацијата како централна деловна платформа за промоција на нови технологии, вмрежување и зајакнување на извозните позиции на домашното стопанство. Од своја страна, извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, потенцира дека Комората ја става во фокус потребата од поврзување на индустриските субјекти со знаење, современи технологии и партнерства неопходни за компаниите да останат конкурентни, ефикасни и подготвени за новата индустриска реалност.
Пешев нагласи дека иднината на домашното производство зависи од способноста компаниите да ги претворат технологијата и иновациите во повисока продуктивност, поголема додадена вредност и посилна извозна конкурентност на европските пазари. Како што подвлече, дигитализацијата не треба да остане само декларативна заложба или просто вложување во хардвер и софтвер, туку процес што генерира мерливи деловни резултати, пониски оперативни трошоци и подобри одлуки – предизвик што е особено значаен за малите и средните претпријатија кои немаат сопствени специјализирани тимови за дигитална трансформација.
Една од панел-дискусиите на конференцијата ќе биде посветена на прашањето како македонските компании да го зголемат извозот и да ја задржат својата конкурентност на европскиот пазар, со фокус на зајакнување на извозниот потенцијал и подобро позиционирање на домашните производители во меѓународните синџири на вредност. „Извозната конкурентност не зависи само од производствените капацитети, туку и од способноста на компаниите да одговорат на новите стандарди, регулаторни барања и очекувања на европските купувачи. Во таа насока, извозот претставува еден од клучните приоритети во активностите на Стопанската комора, која преку Клубот на извозници и Националниот совет за извоз, како и преку широка палета услуги и форми на поддршка, континуирано работи на унапредување на извозните можности на компаниите, со посебен фокус на металната и електроиндустријата“, посочи Пешев.
Централен сегмент на учеството на ДигитМАК и Комората на конференцијата е меѓународната панел-дискусија „Производство 4.0: Како ЕДИХ-овите можат да ја забрзаат трансформацијата“. Оваа сесија се осврнува нареалните предизвици на производителите преку презентација на регионални искуства и конкретни потпорни механизми што ДигитМАК ги става на располагање:
· Тестирај пред да инвестираш: Валидација и тестирање напредни дигитални решенија и вештачка интелигенција пред реализација на крупни инвестиции, со што значително се намалува финансискиот ризик за компаниите;
· Проценка на дигиталната зрелост: Анализа на капацитетите за интеграција во современите производствени синџири;
· Развој на стручни вештини и паметно инвестирање: Оспособување на кадрите за новите индустриски стандарди и насочување кон соодветни извори на финансирање.
Преку овие иницијативи, целта е македонските производствени компании да не бидат само пасивни набљудувачи на промените, туку активни чинители подготвени за строгите барања на пазарот на ЕУ.