„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Отворањето на границите, борбата против корупцијата и сивата економија, поддршката на извозот, гасификацијата и континуитетот на правните прописи остануваат клучни приоритети на македонскиот бизнис, порача претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, на конференцијата „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, организирана од Канцеларијата на Обединетите нации во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во своето обраќање Азески нагласи дека регионот мора многу повеќе да соработува и да ги гради односите врз европските вредности.
„Го имам прошетано цел Балкан, нема метар квадратен каде што не сум бил, сум го сретнал секој втор човек и сум видел само зелени глави, ништо друго зелено не сум видел, зелени глави кои не разбираат дека треба да соработуваме. И мислам дека денеска упатуваме јасна порака на таа тема. Да, ние сме за поддршка на сите суштински прашања, темелни принципи и вредности, но тоа не можеме да го направиме како на копче кога некој ќе нè рестартира, туку ќе го направиме тогаш кога ќе изградиме цврсти темели во сопствената држава и тоа ќе го прошириме на регионот“, кажа Азески.
Тој побара отворање на границите на сите можни начини и искажа благодарност за поддршката на Владата која прави напори со бизнисот да ги отвори портите на соработката.
„Што е она што недостига? Она што недостига е платформа за темелни вредности од кои нема да се откажеме по ниту една цена, а тоа се: борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација, поддршка на извозот и континуитет на правните прописи и одлуки. Имплементацијата на платформата треба да достигне највисоко ниво зашто претставува основа за развој на демократските вредности кон кои сите се стремиме. Дали имаме напредок на тој план? Имаме огромен напредок. Нормално, во 32 години да излезеш без сериозни последици од енергетска, финансиска и тешка здравствена криза, од две тешко кризни ситуации – една на наша територија, една во соседството и да го реформираш системот, не е мала работа. Сега нема за нас враќање назад, одиме напред кон овие вредности, но ги повикуваме и другите чинители во државата, МАНУ, универзитетите, невладиниот сектор да ни се придружат, за да се наметнат ставови кои се во интерес и на фирмите и на граѓаните и на државата“, порача Азески.
На конференцијата се обрати и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека Владата останува партнер на стопанството и ќе продолжи со поддршка на компаниите во нивната зелена и дигитална трансформација. Зашто, како што истакна, целта не е само повисок раст, туку поквалитетен раст заснован врз инвестиции, иновации, дигитализација, модерно образование и домашни компании кои ќе освојуваат нови пазари.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме компаниите во нивната зелена и дигитална трансформација, ќе работиме на подобар пристап до финансии, на намалување на административните процедури, на подобрување на инфраструктурата, на поголема поврзаност со европските пазари и на создавање кадар кој ќе може да одговори на потребите на современата индустрија. Убеден сум дека имаме знаење, имаме капацитет, имаме стопанство кое сака да расте и имаме луѓе кои заслужуваат подобра иднина“, истакна премиерот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека европските пазари веќе поставуваат нови стандарди, а за македонските компании, особено за извозно ориентираните, сè поважно станува не само што произведуваат, туку и како го произведуваат тоа.
„Охрабрува фактот што сè повеќе македонски компании инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и современи модели на управување. Таквите инвестиции носат конкретни резултати: пониски трошоци, повисока продуктивност, поголема доверба кај инвеститорите и посилна пазарна позиција. Особено е важно оваа трансформација да биде достапна и за малите и средните претпријатија, кои се столб на македонската економија. За тоа е потребна координирана поддршка од институциите, стопанските комори, финансискиот сектор и меѓународните партнери. Но, главни носители на промените остануваат самите компании“, рече Муцунски.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија, нагласи дека без активно учество на приватниот сектор не е можно да се исполнат целите за одржлив развој.
„Одржливоста е добра за развојот и растот на бизнисот. Инвестирањето во поинклузивна, поотпорна и поодржлива иднина не е само заедничка одговорност – тоа претставува и конкурентска предност што им помага на компаниите подобро да управуваат со ризиците, да се приспособуваат на промените и успешно да функционираат во услови на неизвесност. Токму затоа Обединетите нации се подготвени да бидат партнер на приватниот сектор, обезбедувајќи знаење, партнерства и практични алатки што ќе им помогнат на компаниите да го усогласат деловниот успех со целите на одржливиот развој“, кажа Колумбија во своето обраќање на конференцијата.
Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Владата мора да создава поволни услови за реформи, финансиските институции треба да поддржуваат одржливи инвестиции, а деловните здруженија треба да ги зајакнуваат знаењето и капацитетите на компаниите.
„Владата, исто така, треба да го слуша гласот и препораките на приватниот сектор за тоа како да се зголеми конкурентноста. Универзитетите и истражувачките институти мора да обезбедуваат иновации и нови вештини, како и да ги приспособуваат наставните програми на потребите на современата економија. Меѓународните партнери мора да продолжат да ја поддржуваат оваа трансформација. Токму во тоа е вредноста на денешниот форум, бидејќи заедно можеме да изградиме поконкурентна економија, поотпорен приватен сектор и попросперитетна иднина за сите нас. На овој пат ЕУ ќе продолжи да стои покрај Северна Македонија, додека заедно се приближуваме кон европската иднина “, нагласи Рокас.
Претседателот на Еурочемберс, Владимир Длухи истакна дека како Комора која обединува стопански комори од 38 земји и застапува над 20 милиони компании, имаат одредени резерви кон политиките на ЕУ кога станува збор за зелената транзиција. Тој посебно се осврна на комплексните законски регулативи што им се наметнуваат на компаниите, административните бариери што ги кочат бизнисите, како и недостатоците на соодветни услови за зелена транзиција во рамки на Унијата.
Зборувајќи на темата „Зошто одржливоста станува новата валута на конкурентност во поделената глобална економија“, Марга Хоек пренесе дека до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку риби. Таа апелираше да се зголеми свесноста кај луѓето за штетните влијанија на пластиката, која е секаде околу нас.
На Конференцијата присуствуваа претставници на институциите, бизнис-заедницата, меѓународните организации и академската заедница, а дијалогот продолжи во неколку работни сесии.