„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Во Битола одржана работилница за имплементација на системот за електронско фактурирање

02.07.2026

| Новости

На 02.07.2026 година во Битола, Стопанската комора на Северна Македонија - Регионална комора во Битола, во соработка со Управата за јавни приходи  организираше стручна работилница посветена на имплементацијата на системот за електронско фактурирање. На работилницата присуствуваа над 80 претставници од преку 50 компании од битолскиот регион, со цел нивно навремено информирање и подготовка за претстојната примена на системот за е-фактура, како значаен сегмент од процесот на дигитализација и модернизација на деловните и административните процедури. Настанот предизвика значителен интерес кај деловната заедница, што ја потврдува потребата од континуирана поддршка и стручна едукација на компаниите во процесот на прилагодување кон новите законски и технолошки решенија.

Во рамки на работилницата, претставниците на Управата за јавни приходи ги презентираа основните карактеристики, функционалностите и законските аспекти на системот за електронско фактурирање, како и очекуваните ефекти од неговата примена врз деловното работење. Посебно внимание беше посветено на практичната демонстрација на апликативното решение, при што беа обработени различни деловни сценарија и процедури поврзани со регистрацијата во системот, издавањето и приемот на електронски фактури, како и функционалностите за нивно прифаќање, одбивање, исправка и сторнирање. На тој начин, учесниците добија непосреден увид во практичната примена на системот и неговата интеграција во секојдневните деловни процеси.

Дополнително, беа презентирани тековните активности поврзани со воспоставувањето на системот, планираната динамика на неговата имплементација, како и релевантните даночни аспекти и индикатори кои ќе имаат значење во неговото функционирање. Воедно, беа разгледани и предизвиците со кои компаниите би можеле да се соочат во процесот на усогласување и интегрирање на новото решение во постојните деловни практики.

Работилницата заврши со дискусија и размена на мислења помеѓу учесниците и претставниците на Управата за јавни приходи, при што беа отворени повеќе прашања од практичен карактер поврзани со примената на електронското фактурирање во различни стопански дејности, меѓу кои и прашањата за извозните фактури, кредитните одобренија и задолженија, можноста за корекција на дел од фактура наместо целосно сторнирање итн. Дискусијата овозможи дополнително појаснување на одредени аспекти од системот, како и идентификување на потребите и очекувањата на компаниите во пресрет на неговото целосно воведување.