„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
На 27 мај 2026 година, во Офицерскиот дом во Битола се одржа работен состанок на тема „Инвестирај во својата иднина – од идеја до реализација“, во организација на Општина Битола и ЈП Индустриска зона „Жабени“, со поддршка на Регионалната комора со седиште во Битола. На настанот присуствуваа претставници на Владата, локалната самоуправа, стопанственици и институции од регионот.
За потребите на домашните инвеститори и предизвиците со кои се соочува стопанството во Пелагонискиот регион говореше претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, додека директорот на Индустриската зона „Жабени“, Владо Талевски, ги презентираше развојните потенцијали и можностите што ги нуди зоната за нови инвестиции. На форумот присуствуваше и делегација од Комората од Лерин, Република Грција, предводена од новоизбраната претседателка Валина Роза. Таа ги поздрави присутните и се заблагодари за поканата на својата прва официјална посета на Битола.

На маргините на настанот беа продолжени разговорите со грчките партнери за натамошно продлабочување на прекуграничната соработка, особено во областа на зелената транзиција, енергетската инфраструктура, како и унапредувањето на патната и железничката поврзаност меѓу двата соседни региони.
Во своето обраќање, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека Владата и Општина Битола континуирано работат на создавање поволни услови за инвестирање и економски развој преку реализација на значајни инфраструктурни и развојни проекти во интерес на граѓаните и стопанството. Како еден од најзначајните проекти за Пелагонискиот регион беше посочена изградбата на автопатската делница Прилеп–Битола, како и модернизацијата на патната инфраструктура кон граничниот премин Меџитлија. Посебен акцент беше ставен и на реконструираната железничка линија до Индустриската зона „Жабени“ и границата со Грција, при што беше нагласено дека се вложуваат напори за завршување на поврзувањето и на грчката страна. Со тоа, Битола би добила директна железничка врска со Солунското пристаниште, што значително би ја подобрило конкурентноста на регионот.

За странските инвестиции и владините мерки за поддршка на домашните и странските инвеститори говореше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој ги претстави актуелните програми на Министерството наменети за бизнис секторот. Тој оцени дека Индустриската зона „Жабени“ претставува успешен пример кој е гордост не само за Битола, туку и за целата држава. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, истакна дека финансиската стабилност и инвестициите се клучни двигатели на регионалниот економски развој. Притоа посочи дека преку двата владини повика за поддршка на општините се реализираат бројни проекти кои веќе даваат видливи резултати и придонесуваат за јакнење на локалната и националната економија.