„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема деловна заедница во државата, континуирано поддржува иницијативи и активности насочени кон поврзување на компаниите со потенцијалната работна сила и унапредување на можностите за вработување. Во таа насока, Комората го поддржа и првиот од трите регионални саеми за вработување, организиран од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, кој на 13 ноември 2026 година се одржа во хотел „Амор“ во Кочани, со поддршка и на Општина Кочани. На едно место се сретнаа претставници на компании и невработени лица – активни баратели на работа од Кочани, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Берово и Штип, со заедничка цел – полесно поврзување на потребите на работодавачите со можностите на пазарот на трудот.
На саемот учествуваа компании од различни дејности, меѓу кои Амфенол, Антура, Тонко, хотел „Амор“, Европа 92, Рудник САСА, и други регионални компании, кои имаа можност непосредно да ги претстават своите потреби од работна сила, да ги промовираат слободните работни позиции и да остварат директни контакти со потенцијалните кандидати за вработување.
Преку ваквите активности, Стопанската комора на Северна Македонија ја реализира една од своите значајни цели – конкретна поддршка на компаниите во обезбедувањето потребни човечки ресурси.
Недостигот на работна сила претставува еден од сериозните предизвици со кои се соочува македонската економија и деловниот сектор. Овој проблем дополнително ја нагласува потребата од поголемо активирање на домашниот пазар на трудот, особено имајќи предвид дека ангажирањето работници од трети земји не ги дава очекуваните резултати во однос на потребите на компаниите.
Токму во насока на надминување на овој предизвик, саемите за вработување имаат за цел да ги поврзат работодавачите со расположливата домашна работна сила, со посебен фокус на ранливите категории граѓани и припадниците на малцинските заедници. Преку непосредни средби и интервјуа, компаниите добиваат можност да ги запознаат кандидатите, да ги согледаат нивните знаења и вештини и да ги идентификуваат лицата кои одговараат на нивните потреби за вработување.
На овој начин, покрај поддршката на компаниите во обезбедувањето потребни човечки ресурси, се придонесува и кон зголемување на економската активност, социјалната инклузија и создавањето еднакви можности за пристап до пазарот на трудот.
За барателите на работа, ова е можност на непосреден начин да стапат во контакт со работодавачите, да ги презентираат своите знаења, вештини и работни компетенции и да се информираат за актуелните потреби на компаниите. На тој начин се создава простор за подобро усогласување на понудата и побарувачката на работна сила и за отворање нови можности за вработување.
Значаен придонес во реализацијата на настанот даде и Општина Кочани, чија поддршка ја потврдува важноста на партнерството меѓу локалната самоуправа, институциите и бизнис-заедницата. Ваквиот вид соработка е особено важен за поттикнување на вработувањето, економско зајакнување на локалните заедници и создавање подобри услови за развој на компаниите.
Регионалните саеми се дел од пошироките активности на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, насочени кон економско зајакнување и подобрување на пристапот до пазарот на трудот, со посебен фокус на зголемување на можностите за вработување на припадниците на ромската заедница. Покрај директните средби со работодавачите, активностите вклучуваат и информирање, советување и поддршка на барателите на работа преку теренски фасилитатори, како и нивно насочување кон соодветни работни позиции и обуки.
По одржувањето на првиот саем во Кочани, следуваат уште два регионални настани. Вториот саем ќе се одржи на 26 ноември 2026 година во Прилеп, во хотел „Салида“, додека третиот, воедно и завршен регионален саем, ќе се реализира во Скопје на 16 декември 2026 година, во хотел „Холидеј ин“. Со нивното одржување ќе се продолжи процесот на поврзување на компаниите со потенцијалната работна сила и проширување на можностите за вработување во повеќе региони во државата.