„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од регионални комори

Денови на Македонско-шведската соработка во Пелагонискиот регион

07.05.2026

| Новости

Изминатите денови Битола беше домаќин на значајни настани посветени на меѓународната соработка со кралството Шведска, одржливиот развој и праведната енергетска транзиција на Пелагонискиот регион.

На 5 мај 2026 година се одржа средба помеѓу Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанската комора на Северна Македонија и новоформираната Шведско-македонска стопанска комора, на која присуствуваа претставници на двете комори. На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка, можностите за нови инвестиции, поврзување на компаниите и развој на партнерства помеѓу бизнис заедниците од двете земји.

Во своето обраќање претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, истакна дека досегашната трговска размена со Шведска, од околу 90 милиони евра, е задоволителна но дека постои значителен потенцијал за нејзин раст, особено поради големата македонска дијаспора во Шведска, која претежно потекнува од овој регион.

Истиот ден се одржа и настанот „Одржливо партнерство“, во организација на Шведско-македонската стопанска комора, Ротари клуб „Широк сокак“, Шведската алумни мрежа и Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје.

На настанот присуствуваа бројни претставници од бизнис-заедницата, граѓанскиот сектор и локалната самоуправа, меѓу кои градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, како и Неговата екселенција, амбасадорот на Кралството Шведска во Скопје, Ola Sohlström. Настанот отвори значајни теми поврзани со одржливите инвестиции, локалниот развој и можностите за продлабочување на македонско-шведската соработка.

На 6 мај 2026 година се одржа и Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) под наслов „Праведна енергетска транзиција во Пелагонија – нови вештини, иновации и одржлив економски развој“, во организација на МКЦ Битола и Еко-свест од Скопје, во соработка со Локалниот економско-социјален совет на Општина Битола.

На еден од панелите свое обраќање имаше м-р Никола Димковски, експерт од Регионалната комора со седиште во Битола, кој се осврна на улогата на бизнис секторот во процесот на праведна транзиција. Тој истакна дека бизнис секторот е директно вклучен преку учество во регионалните развојни тимови, како и преку имплементација на зелени инвестиции и отворање зелени работни места.

Димковски посочи дека меѓу најрелевантните индикатори за следење на напредокот на праведната транзиција се индикаторите од бројот на остварени ОИЕ и отворени зелени работни места, како и индикаторите поврзани со финансии, процеси, учење и корисници. Дополнително, тој ја нагласи важноста на механизмите за мониторинг и евалуација на стратегиите, мерењето на продуктивноста, зелените инвестиции и еколошките перформанси.

Во однос на приоритетите за 2027 година, Димковски потенцираше дека е потребна поголема поддршка за зелени инвестиции преку грантови и кофинансирање, поддршка за обновливи извори на енергија(ОИЕ), енергетска ефикасност и циркуларна економија, како и поттикнување на јавно-приватни партнерства, развој на зелени вештини и иновации.

Настанот испрати силна порака за потребата од конструктивен дијалог и заедничко делување помеѓу институциите, локалната самоуправа, бизнис секторот, синдикатите, образовните институции и граѓанските организации, со цел создавање одржлива и конкурентна иднина за Пелагонискиот регион.