„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на Закон за регистар на задолжително социјално осигурување

23.08.2023

Целта на овој закон е да се воспостави нов единствен унифициран регистарски систем во кој на едно место ќе се собираат и чуваат сите податоци кои се однесуваат на задолжителното социјално осигурување, да се елиминираат слабостите на сегашниот систем и да се креира нов ефикасен систем на долг рок. При тоа, постапката за регистрација во системот на задолжително социјално осигурување ќе биде унифицирана, поедноставена и централизирана со што услугите од системот на социјалното осигурување ќе се обезбедуваат побрзо и поквалитетно. Законот се заснова на начелата на законитост, доверливост, достапност, ефикасност, независност и отчетност. Со донесувањето на законот на граѓаните ќе им се овозможи поголема контрола на плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување и поголема сигурност дека истите редовно и целосно ќе им бидат уплатени. Со тоа пак понатаму граѓаните ќе можат во целост да ги користат сите права од социјално осигурување кои им се загарантирани со закон. Со законот се уредува основањето, организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и раководењето на Управата за водење на регистарот на задолжително социјално осигурување. Со овој закон се уредува и структурата, содржината, податоците и начинот на водење на Регистарот на задолжително социјално осигурување, условите за негово користење, регистрацијата на пријави, одјави и промени во задолжително социјално осигурување, размената на податоци помеѓу надлежните органи и другите институции. Со законот исто така се уредуваат и правата и обврските на сите правни и физички лица кои учествуваат во задолжително социјално осигурување, овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоците во врска со работите на Управата кои произлегуваат од овој закон.