„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Со одржувањето на Форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“ на 18.02.2026 година во Виница, во просториите на Прогресив Академија (Винчини развоен центар) Бизнис Клубот Европа, кој беше воспоставен во рамки на Стопанската комора на Македонија кон крајот на 2025 година, официјално ги инаугурираше своите активности како клучен партнер во економската димензија на пристапувањето кон ЕУ и водечка платформа за сите економските теми поврзани со евроинтеграциите.
Настанот обезбеди можност да се отвори суштинска и аргументирана дебата за позицијата на македонската економија во процесот на европска интеграција, подготвеноста на компаниите за Единствениот пазар на Европската Унија, но и на институциите за надминување на институционалните теснеци во тој процес, а во исто време ја потенцираше и улогата на жените-лидери во креирањето конкурентна и одржлива економија.
Во поздравното обраќање, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, истакна дека европската интеграција не е само политичка, туку пред сè економска и развојна потреба, затоа што нашата определба е јасна – дека ЕУ останува наш главен трговски партнер. Нагласи дека македонските компании мора системски да се подготвуваат за функционирање според правилата на Единствениот пазар на Европска Унија, но и дека македонските компании во многу аспекти веќе функционираат во согласност со тие стандарди, но без целосен пристап до механизмите и инструментите што им стојат на располагање на компаниите од земјите членки, што ја наметнува потребата од забрзани реформи и зајакнување на механизмите за поддршка на компаниите на сите нивоа. Во исто време, потенцираше и дека потребен е консензус на политичките елити во Македонија дека не може сопствените слабости во организирање на државата да се сокриваат зад долгиот пат за членство во Европската Унија.
Во рамки на Панелот 1 „Единствениот пазар на ЕУ: колку е подготвена македонската економија?“, во кој учество земаа Глигор Цветанов од Макпрогрес Виница и претседател на Бизнис Клубот Европа, Живко Мукаетов од Алкалоид Скопје, Мариа Канелопулу од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Драган Тилев, поранешен државен советник за европски прашања, дискусијата се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат компаниите, потребните реформи и улогата на носителите на политики во олеснување на транзицијата кон европските стандарди.
Панелистите посочија бројни примери на прашања кои потекнуваат од правила и стандарди на единствениот пазар на ЕУ, кои нашата економија ја ставаат во специфична позиција – од една страна, не можеме да ги користиме поволностите како фирмите основани во ЕУ (на пример структурни и кохезиони фондови или Спогодби за слободна трговија што ги склучува ЕУ), а сепак во многу сегменти треба да ги исполнуваме истите обврски. Во исто време, укажаа и на примери на комплицирани регулаторни процедури, обврски за обновување на сертификати за пристап до пазарите на ЕУ, но и неможноста да се користи директна финансиска поддршка за инвестиции – што директно влијае на конкурентноста на домашните компании. Во текот на дискусијата се покрена и прашањето за недоволното искористување на средствата преку ИПА фондовите, како испуштена корист за македонското стопанство, но и недоволно ажурното функционирање на институционалните механизми во тој процес, во кој треба активно да биде консултирана и бизнис заедницата.
Глигор Цветанов, претседател на Бизнис Клубот Европа, потенцираше дека визијата за позиционирањето на новоформираниот Клуб е токму да понуди одговор на некои од прашањата кои се покренаа во текот на дискусијата, да ја структурира комуникацијата помеѓу компаниите и надлежните институции кои се вклучени во евроинтеграцискиот процес, но и да обезбедува различни модалитети на поддршка за компаниите во тој процес.
Вториот панел, „Жени лидери во бизнисот и европската перспектива“, ја истакна важноста на женското лидерство како двигател на иновации, извозна ориентација и одржлив развој. Преку конкретни бизнис искуства и европски практики, панелистките Озлем Чанел, амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Валентина Тасева од Семос Едукација Скопје, Симона Николова од Техногума Николов Штип и Александра Филипова од BlackBello Виница, испратија силна порака за потребата од поголема институционална и финансиска поддршка за жени претприемачи, како и за системско вклучување на младите жени во европските синџири на вредност, споделувајќи ги своите искуства како женското лидерство допринесува за подигнување на продуктивноста во нивните компании.
Преку конкретни примери и европски искуства, беше потенцирано дека женското лидерство претставува значаен ресурс за економската трансформација на земјата. Панелистките укажаа на потребата од појасни механизми за финансиска и менторска поддршка, понатамошно развивање на меките вештини, континуираното инвестирање во едукацијата во тесна поврзаност со стандардите на европската рамка на квалификации, развој на микроквалификации и дигитални вештини.
Форумот потврди дека европската перспектива на македонскиот бизнис не е прашање на избор, туку стратешка определба која бара координирано делување на институциите, компаниите и партнерите од Европа, и дека Комората, преку Бизнис Клубот Европа, е подготвена на биде предводник во тој процес.