„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески гостин е Зоран Илиевски, главен оперативен директор и менаџер за развој на бизнисот „Актива“ ДОО Штип. Со повеќе од 15 години искуство во металното производство и фабрикација, Илиевски зборува за развојот на семејниот бизнис, неговата трансформација во извозно ориентирана компанија и за клучните фактори за одржлив развој.
Компанијата „Актива“ ДОО Штип е основана во 1999 година, а на здрави темели ја поставил неговиот татко, кој го изградил фундаментот на компанијата и кој своето знаење и искуство несебично им ги пренел на своите деца. Денес компанијата успешно ја водат членовите на семејството комбинирајќи традиција, иновативност и современо менаџирање.
Својата професионална кариера Зоран Илиевски ја започнал како инженер по компјутерско инженерство и автоматизација во семејната компанија, а денес како главен оперативен директор на компанијата и како менаџер за развој на бизнисот раководи со тим од над 550 вработени. „Актива“ работи во неколку стратешки сектори: автомобилската индустрија, градежништвото, железничката индустрија и GSE (опрема за сервисирање земја).
Во поткастот Илиевски ја нагласи поддршката од локалната самоуправа посочувајќи дека соработката со градоначалникот на Штип треба да претставува позитивен пример за тоа како треба да функционира партнерството меѓу бизнисот и локалната власт.
Зборувајќи за спецификите на семејната компанија, тој посочи дека тие носат предности и слабости. Судирот на генерации и различните визии за идниот развој може да бидат слабост, но брзото носење одлуки, флексибилноста и подготвеноста за преземање ризици се клучните предности.
„Во семејните компании преземањето одредени ризици, континуираните инвестиции и иновации и носењето побрзи одлуки, без чекање одредени процедури карактеристични за големите компании, придонесуваат за побрз раст и за приспособливост на новите чувствителни пазари. Но неопходно е да се изгради и второ ниво на менаџмент, кое активно ќе учествува во управувањето и кое ќе преземе голем дел од одговорностите за компанијата да може да биде иновативна и самоодржлива“, истакна Илиевски.
Зборувајќи за иднината на „Актива“, тој потенцираше дека растот на компанијата мора да се темели на јасна визија и конкретен план за наредните 5 до 10 години. Тоа подразбира континуирано реинвестирање на добивката, следење на новите технологии и трендови во металургијата и преземање ризици со нови инвестиции во нови проекти. За растот, според него, придонесува и соработката со странските компании, од кои може да се учи и да се црпат искуства. „Најважно е развојот да биде насочен кон нови производи и услуги со поголема додадена вредност“, заклучи Илиевски.