„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Презентирана националната Стратегија за мали и средни претпријатија 2025 – 2030

15.01.2026

| Актуелно

 Во хотелот „Александар палас“ во Скопје се одржа презентација на Стратегијата за мали и средни претпријатија 2025 – 2030 на Република Северна Македонија, во организација на проектот „ЕУ за развој на мали и средни претпријатија“, финансиран од Европската Унија, а во соработка со Министерството за економија и труд.

Настанот беше отворен со поздравен говор на г. м-р Бесар Дурмиши, министер за економија и труд, кој се осврна на силната посветеност на Владата спрема секторот на малите и средни претпријатија, визијата на Стратегијата за одржлив економски раст и на нејзината усогласеност со националните економски цели.

Потоа се обрати н. е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, кој ја истакна континуираната финансиска и техничка поддршка од ЕУ за развој на МСП преку Планот за раст и преку фондовите ИПА III. Во своето обраќање амбасадорот ја нагласи и важноста од усогласување со стандардите на Европската Унија, како и заедничката цел за постепена интеграција на земјата на единствениот пазар на ЕУ.

На настанот присуствуваа членови на работната група, како и претставници на институциите, деловната заедница и на други релевантни засегнати страни. Во рамките на презентацијата беа претставени клучните стратешки приоритети, мерки и активности утврдени во Стратегијата, како и Акцискиот план за периодот 2025 – 2030.

По презентацискиот дел се одржа модерирана дискусија со клучните засегнати страни, во која учествуваа претставници на стопанските комори, ИНОВА, како и на други организации кои обезбедуваат поддршка за малите и средни претпријатија и за претприемачите. Дискусијата беше фокусирана на практичните аспекти од поддршката за МСП, можностите за подобрување на деловното опкружување и на јакнењето на институционалната соработка.

Во рамките на панелната дискусија, претседателот на Центарот на ММСП при Стопанската комора на Северна Македонија Габриела Кулебанова се осврна на практичната примена на активностите од Акцискиот план. Таа нагласи дека примената на Стратегијата претставува клучен фактор за постигнување на планираните економски ефекти и за усогласување со Стратегијата на ЕУ за МСП и со принципите на Small Business Act.

Иако стратешката рамка во голема мера е усогласена со европските политики, Кулебанова посочи дека главните ризици се поврзани со нејзиното практично спроведување. Како клучни предизвици ги наведе институционалната фрагментација, ограничените административни капацитети, непредвидливото финансирање, високиот административен товар за МСП, како и недоволно развиениот систем за надзор и евалуација. Со цел надминување на овие предизвици, Стратегијата препорачува воспоставување јасен координативен механизам со една водечка институција, обезбедување мултигодишно и одржливо финансирање на мерките, поедноставување и дигитализација на административните процедури, како и системско јакнење на институционалните капацитети. Посебен акцент се става врз воспоставувањето ефикасен систем за надзор и евалуација, заснован на јасно дефинирани индикатори и редовно јавно известување.

Настанот овозможи конструктивна размена на мислења и на препораки, со цел зајакнување на спроведувањето на Стратегијата и унапредување на екосистемот за мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија.