„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од компаниите

Небанкарските финансиски друштва со 97 донации и спонзорства во 2025 година – над половина милион евра вложени во заедницата

 Финансиските друштва, членки на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, и во текот на 2025 година ја потврдија својата силна посветеност кон општествената одговорност преку низа хуманитарни донации, спонзорства и партнерства насочени кон поддршка на заедницата.

Активностите беа фокусирани на здравството, солидарноста, поддршката на социјално загрозени и ранливи категории, образованието, едукацијата, спортот, како и унапредувањето на дигиталните процеси.

Во текот на 2025 година, членките на Групацијата реализираа вкупно 97 донации и спонзорства, со вкупна вредност од 33.313.264 денари, во согласност со нивните стратегии за општествена одговорност и одржлив развој.

Најголем дел од активностите беа насочени кон поддршка на социјално загрозени и ранливи групи, лица со попреченост и програми за деца со посебни потреби, при што беа реализирани 36 проекти во износ од 3.752.200 денари, вклучително и 306.200 денари за поддршка на повредените во Кочани и нивните семејства.

Поддршката на образованието и младите таленти опфати 7 проекти во вредност од 905.815 денари, додека во здравството и унапредувањето на здравствените практики беа реализирани 8 проекти со вкупен износ од 1.030.949 денари. Во областа на спортот и развојот на младинскиот спорт беа спроведени 15 проекти во износ од 2.257.000 денари.

Значителни средства беа вложени и во дигиталната трансформација и подобрувањето на корисничкото искуство, преку 4 проекти во вредност од 21.674.200 денари, како и во развојот на човечките ресурси, преку обуки, тренинзи и спортски активности за вработените, за што беа издвоени 736.800 денари.

Дополнително, преку панел-дискусии, предавања, едукативни активности и програми за финансиска писменост беа реализирани 4 проекти во износ од 552.600 денари, додека за заштита на животната средина беа спроведени 4 проекти со вредност од 828.200 денари.

Поддршка добија и културни настани преку 7 проекти во износ од 457.000 денари, како и други општествено значајни иницијативи преку 9 проекти во вредност од 1.118.500 денари.

Преку овие активности, небанкарските финансиски друштва дадоа конкретен придонес за подобрување на квалитетот на живот, поттикнување на солидарноста и инклузијата и унапредување на општествениот развој во заедницата во која делуваат.

Општествената одговорност за финансиските друштва не е еднократна активност, туку континуиран процес. За наредниот период се најавуваат уште поамбициозни и посистемски пристапи, со проширување на хуманитарните активности, зголемување на средствата за општествено значајни проекти и подлабоко вклучување во иницијативи со долгорочно и одржливо влијание. Финансиските друштва остануваат цврсто посветени на континуирано вложување во општествено одговорни проекти кои создаваат вистинска и трајна позитивна промена во општеството.