„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Националната развојна стратегија 2024 – 2044 година, што значи таа за бизнис секторот?

12.12.2025

| Актуелно

 Во Стопанската комора, бизнисмените, претставници на компаниите кои се дел од органите и телата, преку панел дискусија беа запознаени со клучните поенти на НАЦИОНАЛНАТА РАЗВОЈНА СТРАТЕГИЈА 2024 – 2044 ГОДИНА, и со приоритетите и идните активности на носителите на економските политики во земјата.

Настанот го отвори претседателот на Комората, Бранко Азески кој даде неколку пораки до присутните. Стратегијата, како што кажа, е клучен документ кој ги дефинира правците на развојот на државата. Од аспект на бизнисот упати благодарност до УНДП како меѓународна организација која во континуитет беше поддржувач на процесот на изработка на стратегијата, благодарност и за соработката со Владата како партнер во јавно-приватниот дијалог и до науката која твори и креира активности во интерес на економијата и стопанството.

Во услови на големи геополитички прегрупирања, неизвесности на економски план во Европа каде доминантно е насочена македонската економија и регионалната соработка во рамки на Западен Балкан, која сè уште не е на потребното ниво, Националната стратегија е адресата преку која сите чинители обединето може да дадат максимален придонес за да се креираат процеси и чекори кои економски ќе ја придвижат државата кон раст и развој и покрај сите препреки и предизвици.

Едно е сигурно, вели претседателот Азески, сите во државата се согласни дека приоритетите на кои треба да се работи се борбата со корупцијата и сивата економија, ставање во функција на гасоводниот систем, поддршка на извозот од страна на државата, независно правосудство во функција на овозможување пазарни услови на стопанисување.

Во улога на модератор, м-р Зоран Јовановски, советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора за макроекономски прашања и јавни финансии, отворајќи го панелот посочи дека станува збор за стратегиски документ кој е втора шанса за Македонија и кој има уште поголема важност и значење бидејќи е документ усвоен во Парламентот на државата со поддршка од сите политички структури. Националната развојна стратегија (НРС), како што посочи Јовановски, ќе биде патоказ каде ќе се движи и како ќе се развива  македонската економија во наредните години и децении и следствено на тоа каде и какви ќе бидат инвестициите.

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП Ана Чернишова, како организација која учествуваше во спроведување на НРС, пред присутните истакна дека основната цел на овој документ е да биде сеопфатен стратешки документ, кој ќе овозможи фундаментална трансформација на РС Македонија. Инклузивниот пристап при изработката на вакви стратешки документи се поврзува и се препознава по вклученоста на граѓаните и на институциите во развивањето на методолошката рамка и процесот на консултации за утврдување на клучните стратешки насоки и приоритети, бидејќи во процесот беа вклучени повеќе од 14.000 граѓани во 35 визионерски работилници низ земјата, по што беа креирани 24 тематски анализи, кои се однесуваат за различни сектори. Клучните наоди од овие анализи се сублимирани во извештајот „Националната развојна стратегија – Состојби и предизвици” од страна на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во овој извештај е прикажана моменталната состојба и се утврдени голем број предизвици, слабости и можности во областите на човечкиот капитал, животната средина, енергијата, инфраструктурата, дигитализацијата, социјалната инклузија, управувањето, отпорноста, родовата рамноправност и на човековите права, рече Чедрнишова.

Александар Стојков, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ информираше дека Стратегијата почнува со три главни национални развојни цели:

1.     Јакнење на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, развој на знаења, вештини, инклузија и отпорност на граѓаните.

2.     Модели на управување кои се отворени, отчетни, сеопфатни и способни да создаваат просперитет за сите.

3.     Социјална инклузија за подобрување на социјалните, здравствените и образовните услуги за граѓаните и бизнисите.

Професорот Стојков вели дека особено важно е дека овие национални развојни цели се планира да се реализираат преку шест клучни стратешки области:

1.     Одржлива, иновативна и конкурентна економија;

2.     Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија;

3.     Демографска ревитализација, социјален и културен развој;

4.     Сигурно, безбедно и отпорно општество;

5.     Владеење на правото и добро управување и

6.     Зелена трансформација.

Како заокружување во излагањата, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставник на Владата која е и носител на овој стратешки документ, изрази задоволство од инклузивниот процес и фактот дека повеќе од 40 лица се учесници во Националниот Совет кој ја координира спроведливоста на НРС. Посочи дека документот ќе претставува мапа за инвестирање во државата, а ќе се промовираат потенцијалите детектирани во истиот веќе следната година надвор од границите на државата. За функционалноста на Стратегијата, формирани се и тематски работни комитети за решавање на проблематики од конкретна дејност и природа, но документот е толку широк што овозможува формирање и натаму на комитети за конкретни прашања, доколку има интерес.

По формалниот дел, бизнисмените присутни на настанот се вклучија во дискусија ставајќи акцент на неколку сегменти:

-        Да се започне што поитно со демографска анализа како основа за многу видови различни планирања на економските текови во државата клучни за предвидливост на економскиот раст и развој, бидејќи демографската состојба претставува најжешкиот костен;

-        Процесите на дигитализација се клучни како за стопанството така и за општеството во целост;

-        Потребата од кадар и креирање политики во образованието согласно потребите на бизнисот;

-        Да се стави фокус на бизнис интелигенција наспроти вештачката интелигенција;

-        Алфа генерацијата која доаѓа во светот, кај нас е во многу мал процент препознаена и на тоа поле треба да се работи.

Бизнисмените присутни на настанот констатираа дека настан од ваков вид со информации за еден од клучните стратешки документи за следниот период со фокус на економскиот развој е од исклучително значење и дека е потребна поголема јавност на активностите врзани со Националната развојна стратегија, поактивно вклучување на бизнис секторот, бидејќи Стопанската комора со својот капацитет, големина и моќност од аспект на членки е клучната алка во синџирот.

 

Националната развојна стратегија (НРС) е најважниот државен стратегиски документ кој:

  • дефинира визија, цели, приоритети и стратешки области за развој на Република Северна Македонија во периодот 2024–2044 година;
  • усвоена е од Собранието на РСМ на 29 октомври 2024 година;
  • има за цел забрзан, инклузивен, рамномерен, родово-еднаков и одржлив развој на државата;
  • резултат е на вклучување на илјадници граѓани, експерти, институции и партнери во подготовката;
  • ја зема предвид ЕУ интеграцијата и обврските по Агендата 2030 за одржлив развој.